Украина договори дури три теста за Евро 2021 како подготовка и за мечот со Македонија

Репрезентацијата на Украина, која е еден од трите противници на Македонија на нашето деби на Европските првенства летово, договори дури три контролни мечеви пред континенталниот собир, открил првиот човек на федерацијата, Андриј Павелко.

Украина, со која Македонија ќе игра на 17 јуни во второто коло ќе се соочи со Бахреин на 23 мај, потоа со Северна Ирска на 3 јуни и со Кипар на 7 јуни, во трите контролни пресметки пред настапот на Евро 2021, каде освен со црвено-жолтите, ќе играат и со Холандија (прво коло) односно Австрија (трето коло).

Претходно, Украина ја чекаат три меча во март годинава на стартот на мундијалските квалификации и тоа со светскиот првак Франција, сензацијата од последните квалификации Финска, како и со аутсајдерот Казахстан.

Македонија на Евро 2021 ќе дебитира на 13 јуни со Австрија, а после мечот со Украина, ја чека пресметка со Холандија во последното коло. Првите два меча треба да се играат во Букурешт, а последната во Амстердам, но дали ќе има промени во организацијата на првенството ќе се знае на 5 март, иако веќе сериозно се најавува дека е можно само една земја да го организира континенталниот шампионат, наместо претходно избраните 12 градови, поради актуелната пандемија со коронавирус.