УЕФА не отстапува од својот план за Евро 2021 – во 12 градови!

Европската фудбалска унија (УЕФА) засега останува цврсто на својот план Европското првенство на лето, на кое ќе дебитира Македонија, да се одржи во претходно избраните 12 градови низ Стариот континент, иако во последно време угледни медиуми, но и првиот човек на швајцарскиот фудбал Доминик Бланк најавуваа и бараа промени, па дури првенството да се игра во еден град.

ЕСПН најави дека УЕФА сериозно ја разгледува опцијата за поинаква организација во една земја и без гледачи со т.н. „балон“ како летоска во Лисабон за завршницата во ЛШ и во Германија за завршницата во Лига Европа, а Бланк дури побара да се разгледа опцијата само Лондон да биде домаќин зашто англиската престолнина има доволно стадиони на кои би се играле мечевите и многу лесно би се формирал „балонот“ за да не се доведат селекциите во ризик со коронавирусот.

Но, УЕФА најавува и цврсто засега стои на планот со 12 градови кои беа избрани и повторно потврдени откако во април годинава беше одложено Европското првенство за ова лето од 11 јуни до 11 јули.

„Ништо не се сменило кога станува збор за Евро. Останува да се игра во 12-те избрани градови“, објави портпаролот на УЕФА.

Од Нион веќе објавија за четирите сценарија кои се на маса за секој град поединечно, а тоа е да бидат домаќини со полн стадион, со публика од 50 до 100 отсто, со најмалку 20 до 30 отсто или да ги организираат мечевите без гледачи, со тоа што мора да изготват до најситен детал како сето тоа ќе го спроведат во организацијата за да се заштитат сите од коронавирусот.

Конечна одлука ќе има на 5 март за кога е закажан состанокот на Извршниот комитет на УЕФА на кој ќе се пресече околу евентуални промени, но и ако има гледачи во колкав број би биле и како би се распределувале влезниците, кои во 90 отсто веќе се продадени, но за Македонија, на пример, ќе зависи од оваа одлука и дали во Букурешт ќе има гледачи или не.

Првиот човек на УЕФА, Александер Чеферин пред Нова година изјави дека очекува полни стадиони.

„Почна вакцинирањето и мислам дека до лето ќе имаме нормална ситуација и полни стадиони“, рече Инфантино.