УЕФА: ЕП 2021 со публика, Македонија ќе игра на стадиони исполнети – една третина!

Европската фудбалска федерација (УЕФА) денеска и официјално ја потврди одлуката за одигрување на ЕП 2021 пред публика, ограничувајќи го капацитетот на стадионите според епидемиолошката ситуација во државата-домаќин.

Тоа е одлична вест за фудбалските фанатици од нашата држава, кои би сакале да им помогнат на избраниците на селекторот Игор Ангеловски при нивниот историски настап на големо натпреварување. Македонија средбите против Австрија, Украина и Холандија ќе ги игра во Букурешт (два) и во Амстердам, кои денеска добија дозвола да почнат со продажба на 25 до 33-отсто од капацитетите на стадионите.

Националната арена во Букурешт, каде што ќе играме против Австрија (13 јуни) и Украина (17 јуни) е со капацитет од 55.634 места, што значи дека ако се дозволи исполнетост на една третина од трибините тогаш ќе може да прими 18.544 гледачи, додека според помалата варијанта, капацитетот ќе биде 13.908 гледачи. Речиси идентичен е и капацитетот на стадионот „Јохан Кројф“ во Амстердам, каде што ќе ги одмериме силите со „лалињата“ на 21 јуни, што значи и дека намалениот капацитет ќе биде ист како тој од романската престолнина.

УЕФА истовремено информира дека продажбата на билетите за навивачите на Македонија и на останатите селекции што се пласираа преку Лигата на нации (Унгарија, Шкотска и Словачка) ќе почне најрано во месец мај, да се прецизира точниот датум.