Турција, Словачка, С. Ирска и Бугарија ѝ се придружија на Македонија во Ц-дивизијата

Дури три учесници на претстојното Европско првенство догодина низ Европа ќе играат во следното издание на „третата лига“ во Лигата на нации, Ц-сегментот откако денеска заврши втората сезона во која Лига Б, ја напуштаат Турција, Словачка, Северна Ирска и Бугарија и овие ѝ се придружуваат на Македонија за сезоната 2022/23.

Турција и Словачка ќе играат на Евро 2021, како и Македонија, па третата сезона во Лигата на нации ќе биде досега најинтересна во однос на поголемиот квалитет што ќе го има во овој сегмент, во споредба со претходните два, а самиот факт дека тука е и финалистот од баражите Северна Ирска, која е учесник на Евро 2016, а останува и Грција како екс-европски првак е доволно како најава за суперинтересна сезона во јуни и септември 2022 година.

Турците испаднаа во Лига Д, откако загуби од Унгарија, а Србија ја торпедираше Русија со 5-0, Словаците испаднаа после поразот од Чешка, додека Северна Ирска откако Романија службено го доби мечот со Норвешка (не допатуваа поради владините одлуки за карантин) и ремито 1-1. Бугарија, пак, која е најслаба од оваа четворка, падна во Лига Ц по ремито без голови на гости кај Република Ирска.

Турција обезбеди пласман на Евро 2021 уште преку евроквалификациите, додека Словачка се пласираше како и ние преку баражите од првата сезона во Лигата на нации, па триумфираа по продолженија со Северна Ирска во Белфаст со 2-1.

Од нашата Ц-дивизија, пласман во погорниот Б-сегмент одат Црна Гора, Ерменија, Албанија и Словенија, која денеска ремизираше со Грција без голови во дербито за првото место. Во Ц-дивизијата влегуваат Гибралтар и Фарските острови, додека низ плејаут-бараж Казахстан, Молдавија, Кипар и Естонија ќе решаваат кои две селекции ќе одат во најслабата Д-дивизија.