Тричковски: Ова е историска шанса - победата е најважна!

Македонскиот репрезентативец Иван Тричковски порача денеска во пресрет на историската шанса на Македонија да се најде на два чекори од пласман на Европско првенство, дека не очекува лесен меч со Гибралтар и дека тој и соиграчите треба да се потрудат на теренот да направат да изгледа дека лесно победиле.

Македонија има историска шанса со победа да го завери настапот во плејофот за Евро 2020 и да обезбеди домашно полуфинале во март 2020 година.

„Јас не очекувам лесна победа, зошто Гибралтар е орентиран на дефанзивен стил, но очекувам ние фудбалерите да бидеме максимално посветени и борбени и само така може да направиме да изгледа победата лесна. Дека лесно ќе победиме, тоа сигурно нема да биде така. Не е лесно да се води 2-0, 3-0 во првите 30 минути. И тие се фудбалери, знаат да играат, знаат тактички да се постават. Фудбалот се игра 90 минути и не може секојпат да очекуваме водство од 4-0 на полувреме. Победата секогаш е најважна. Победа си е победа, а небитно е кога ќе се даде гол. Очекувам максимална поддршка, ние ќе се трудиме максимално од прва до последна минута и секако дека очекуваме победа“, вели Тричковски.

Фудбалерот на кипарска АЕК Ларнака, кој игра во одлична форма сезонава и се изнадава голови, беше стрелец на гол в Гибралтар, првиот за Македонија во Лигата на наците.

„Нема што повеќе да се говори за моментот, ова е историска шанса која сме ја немале. Тоа доволно говори колку е важно, без оглед што играме со еден Гибралтар. Посакувам поддршка од навивачите и на крај заедно да славиме“, вели Тричковски.