„Треба да си наивен за да веруваш дека Македонците се изморени после Косово“

Македонската фудбалска репрезентација после обезбеденото финале за пласман на ЕП догодина преку баражот од првото издание на Лигата на нации, утре ја продолжува авантурата во втората сезона во новоформираното натпреварување пред две години со гостување кај аутсајдерот во групата Естонија, во Талин (18 часот).

Естонците по два порази во септемвриските мечеви, сега ја пречекуваат Македонија, во обид да изненадат, иако се свесни дека против себе веројатно го имаат и најтешкиот ривал, особено што од поодамна оваа балтичка селекција е многу поблизу со квалитет до најслабите селекции, одошто до некој европски просек.

Селекторот на Естонија,Карел Волаид пред мечот со Македонија потенцира дека само наивен човек може да верува дека противникот после напорниот меч со Косово е уморен и дека тоа можеби е предност за неговиот тим.

„Македонија е многу потежок ривал, немаат нуту една голема слабост и тоа е одлика на голем тим. Клишеа во фудбалот дека се послаби во одбрана или напад е само клише, такво нешто во модерен фудбал нема и треба да се заборави. Имаат екипа која игра модерен фудбал, а плус имаат одличен индивидуален квалитет. И треба човек да е наивен дека Македонија можеби е уморна после нивниот меч со Косово, зашто за ваква репрезентација многу не значи дали играла во среда или четврток. Не е за нив предност тоа што имале ден помалку за одмор од нас. Уште понаивно е да веруваш и да градиш стратегија дека во последните 15 минути против таква селекција, поради наводен умор на противникот, ќе може да направиш изненадување“, вели селекторот Карел Волаид.