Стефан Ристовски пред потпис со редовен учесник во групната фаза од ЛШ!

Македонскиот фудбалски репрезентативец, Стефан Ристовски, е желба на грчкиот гигант Олимпијакос, кој во последнава декада е редовен учесник во групната фаза од Лигата на шампионите (ЛШ), пишуваат медиумите од јужниот сосед.

Тренерот на екипата од Атина, Педро Мартинс, веќе се распрашувал за Ристовски кај своите сонародници во Спортинг Лисабон, чиј член сѐ уште е нашиот интернационалец, со цел да го обезбеди неговиот потпис во зимскиот преоден рок. Македонецот е на „тенок мраз“ во португалскиот прволигаш, каде што сезонава не е дел од првата екипа, поради што Олимпијакос сака да го ангажира на позајмица до крајот на првенството со опција да го откупи во текот на летото.

Настапот на 82 средби во дресот на Спортинг и одиграните 60 натпревари за Македонија се препораката која е доволна за Мартинс да се обиде да дојде до потписот на Ристовски. Единствен негов проблем е фактот што фудбалерот од септември до сега има одиграно само осум средби и тоа сите во жолто-црвениот дрес на македонската национална селекција, што, сепак, нема да биде пресудно за остварување на трансферот ако Олимпијакос успее да најде заеднички јазик со екипата од Лисабон.

Грчките медиуми истовремено информираат дека заинтересиран за нашиот фудбалер е и тимот на АЕК.