Српскиот селектор убеден: Македонија ќе го згази Косово!

Актуелниот српски селектор Љубиша Тумбаковиќ убеден е дека македонската фудбалска репрезентација ќе го згази Косово во полуфиналниот бараж и нашата селекција ќе се пласира на Европското првенство низ Европа преку Д-дивизијата во плејофот во Лигата на нации.

Тумбаковиќ лани беше во фокусот во регионот откако не сакаше да ја води Црна Гора против Косово во квалификациите, па експресно си замина од Подгорица и после неколку месеци ја презема српската селекција откако Младен Крстајиќ доби отказ кај северниот сосед. Сега Тумбаковиќ смета дека Македонија е далеку посилна и дека црвено-жолтите се во експанција, па без потешкотии ќе ги решат двата меча што не очекуваат во март.

„Јас секако дека ќе навивам за БиХ и за Македонија. Македонија е во експанзија и според мое мислење, апсолутни фаворити се во баражот. Убеден сум дека без големи потешкотии ќе ги решат двата меча во своја корист. Прво против Косово, а потоа против победникот од мечот Грузија – Белорусија“, вели Тумбаковиќ.

Македонија на 26 март во Скопје ќе го дочека Косово, а на 31 март игра на гости со победникот од дуелот Грузија – Белорусија по што ќе биде познато кој од најслабата по квалитет дивизија во Лига на нации ќе обебеди виза за Евро 2020. Тумбаковиќ, пак, како селектор на Србија ќе ги води „орлите“ во Ц-дивизијата во баражите, а првиот меч е на гости во Осло кај Норвешка, додека ако победат во Белград би играле со подобриот од второто полуфинале Шкотска – Израел.