Словенија во 90-та минута го расплака Израел, дербито во Варшава – без голови

Селекцијата на Словенија со гол на Бенјамин Вербич во 90. минута запиша голема победа против Израел во суперинтересен меч со пет гола (3-2) за да избие на второто место по шест кола во нашата квалификациска група, откако Полска и Австрија, двата фаворити во дербито во Варшава одиграа без победник и без голови.

Словенците стигнаа на 11 бода од шест меча пред гостувањето во Скопје идниот месец на 10 октомври, откако во спектакуларен меч со низа пресврти, Вербич ја погоди израелската мрежа за голем триумф. Овој фудбалер пред полувремето донесе водство, по што на „Стожице“ следеше шок – два гола набрзина за Израел во вториот дел. Начо во 50-та и Ерон Захави во 63-та направија пресврт, но тоа не го откажа Словенците.

Роман Безјак израмни во 66-та и кога сите очекуваа реми и на овој меч, Вербич со втор гол испадна херој и ги вивна „змајчеки“ во самиот врв.

Во Варшава, суперинтересно прво полувреме во кое Австрија и Полска имаа по еден дирек преку Арнаутовиќ односно Гросицки, а потоа австрискиот голман имаше и спектакуларна интервенција, за во вториот дел цврстата игра и вниманието да не се прими гол донесе по бод за двете селекции, по што Полјаците сега имаат 13 бода, а Австријците се трети со 10.

На четири кола до крајот Македонија со осум бода, колку што има и Израел останува во трката за првите две позиции. Идниот месец ја дочекуваме Словенија, кога Полска има најлесна задача со Летонија, а Австрија го дочекува Израел. Три дена подоцна, ние гостуваме во Полска, Словенија ја пречекува Австрија, а Израел е домаќин на Летонија. Овие две рунди практично во многу ќе решаваат за патниците на Евро 2020.