Словенија е вистинскиот тест: Македонија сега треба да покаже дека сонот за ЕП е достижен!

Македонската фудбалска репрезентација по победничкиот старт на овој евроквалификациски циклус за пласман на Евро 2020 со Летонија (3-1), вечерва (20.45 часот) на стадионот „Стожице“ во Љубљана ќе го има првиот посериозен тест на зрелоста на оваа генерација за да игра на континенталниот сбир со гостувањето кај Словенија.

Македонија досега покажа дека со „пациентите“ лесно се снаоѓа, резултатските добри настапи во Лигата на нации веќе имаме обезбеден план Б за пласман на Евро 2020 преку плејофот идниот март, но Словенија е првиот испит за тоа дали Македонија има зрелост за да брка и за да оствари еден историски пласман. Словенците се далеку со квалитетот над селекции како Лихтенштајн, Гибралтар, Летонија, па затоа и за оваа генерација предодена од Горан Пандев е прв сериозен предизвик во овие квалификации.

Точно е дека Македонија и минатите квалификации ги одигра добро, победи во Израел, ремизираше со Италија, пропушти шанса да ја победи Албанија. И сето тоа беше резултатски добро во момент кога за нас квалификациите беа загубени, а фудбалерите полесно одиграа без притисок. Сега, кога јасно и недвосмислено е поставена целта да се игра на Евро 2020, вистинските тестови допрва следат, а Словенија е почеток, зашто за место меѓу првите две во оваа квалификациска група ќе треба бодовно да се биде подобар и од еден Израел, ама и пред еден од двата фаворити Полска или Австрија. А, за разлика од многу други квалификациски циклуси, во овој Македонија има „најлесна“ група, зашто нема великан со кој ќе се соочи во оваа 2019 година и во овој квалификациски циклус.

Вечерва Македонија ќе мора да одигра паметно и мудро, како надополнување на пожртвуваната, борбена и беспоштедна игра. За да успее да се врати непоразена од Словенија, прво ќе мора да игра сигурно, да не брза со нападите и фудбалерите да не ги зафаќа еуфорија кога ќе тргнат во офанзива, зашто и во Лигата на нации, а и на мечот со Летонија, проблематични делуваа грешките во средина и широкиот простор за контри, кои Летонците не знаеа да го искористат. Секоја малку посериозна и посилна селекција тоа ќе умее да го казни, а Словенија секако е една од тие. Затоа и фудбалерите ќе треба да играат на сигурно додавање, на едноставно решение, да ги исфрлат непотребните солирања, избрзаните додавања... Едноставно, да не дозволат ни една своја непотребна грешка да создаде сериозна опасност кон голот на Столе Димитриевски.

Второ што ќе мора да го поправат за да си расчистат пат кон позитивен резултат е секако да се поправи реализацијата. Мкедонија ќе мора да има процентуално поголема реализација во однос на таа со Летонија која од секоја петта шанса дававме гол. Сега ќе треба поголема концентрација на секој фудбалер во завршница и поедноставно решение во момент, за да не се упропасти можност за гол со потег повеќе, било тоа да се дриблинг наместо шут или шут наместо завршно додавање...

Не дека ако вечерва успееме да го положиме тестот во Словенија тоа ќе значи дека сигурно ќе одиме на Евро 2020, но добар резултат, а посебно победа ќе донесе многу голема самодоверба и екстра мотивација пред јунските два меча со фаворизираните Полска и Австрија и тоа во Скопје. Успехот секако би бил најава дека со двата фаворити и со многу поголема поддршка, Македонија би можела со бодови да најави дека е тргната кон континенталниот шампионат.