Скендеровски со тројца дебитанти и неколку повратници тргнува во претквалификациите за ЕП 2022

После очајниот настап во мундијалските квалификации, македонската футсал селекција на крајот на месецов ќе започне со нов квалификациски циклус и тоа за Евро 2022, па во првиот претквалификациски филтер, македонската селекција ќе биде домаќин на Велс и Норвешка и ќе го брка првото место во групата.

Новиот селектор на македонските футсалци Васко Скендеровски, кој пред крајот на минатата година повторно се врати на клупата го објави списокот за подготовките за новите квалификации, а Македонија со прво место ќе обезбеди пласман во главната групна фаза, додека ако биде втора ќе мора да игра бараж за пласман во таа фаза.

„По лошо одиграниот квалификациски турнир за пласман на Светско првенство, како повратник во репрезентацијата пред мене е голем предизвик, пред сè да го вратиме победничкиот дух и атмосферата која во изминатите години ја красеше оваа селекција. Не смееме да бегаме од улогата на фаворити, иако сериозно е разнишана самодовербата кај играчите, но за мене тоа е дополнителен мотив да ја прифатам одговорноста и повторно да застанам на чело на репрезентацијата. Нè очекуваат два интересни и возбудливи натпревари, но имајќи го в предвид квалитетот на селекциите се чини дека битката за директен пласман во главната рунда ќе биде помеѓу нашата и норвешката селекција. Иако на турнирот поради повреда ги немаме Адријан Мицевски, Драган Петровиќ и Мартин Тодоровски, сепак сметам дека сме доволно квалитетни да ја оправдаме фаворитската улога. Имаме повратници во тимот, но и тројца дебитанти, Јованов Јосиф, Лазар Пеев и Бериша Шефкет, кои се надевам дека ќе ја оправдаат довербата и ќе дадат свои придонес“, рече Васко Скендеровски.

Првиот меч Македонија го игра на 30 јануари против Велс, а на 1 февруари ќе се соочиме со Норвешка. Претквалификацискиот турнир ќе се игра во СЦ „Јане Сандански“, а двата меча на македонските футсалци се во ист термин – од 19 часот.

СОСТАВ НА МАКЕДОНИЈА

ГОЛМАНИ: Антонио Петровски (КМФ СК Проект Цико), Влатко Петровски (КМФ Кеги-Моби), Шефкет Бериша (КМФ Шкупи);

ОДБРАНА: Зоран Левески (КМФ Шкупи), Таулант Исмаили (КМФ Арбен Бајрами), Ферид Агуши (КМФ Шкупи), Даниел Де Соуза (Мостар, БиХ), Садат Зибери (Италпол, Италија);

НАПАД: Иван Крстевски (Врање, Србија), Александар Глигоров (КМФ Шкупи), Игор Леовски (Славија Прага, Чешка), Јосиф Јованов (КМФ СК Проект Цико), Дарко Ранготов (КМФ СК Проект Цико), Димче Андов (КМФ СК Проект Цико), Јакуп Рамадан (Нови Пазар, Србија), Ѓокица Арсовски (Мускон, Белгија), Еркан Сефери (КМФ Шкупи), Лазар Пеев (КМФ Велес);