Скендеровски ги избра футсалците: Наместо со Бразилци избравме подмладување со наши таленти!

Селекторот на македонската футсал репрезентација Васко Скендеровски засилен на клупата со најдобриот хрватски футсал тренер Мато Станковиќ, денеска го соопшти списокот на репрезентативци за престојните воведни два квалификациски мечеви за пласман на Евро 2022 против БиХ на гости на 28 јануари и со Романија дома на 3 февруари.

Скендеровски одбра 19 играчи, меѓу кои и два дебитанти во Марјан Костадинов и Јосиф Јованов, двајцата членови на клубот Проект Цико. Недостига само репрезентативецот Зибери, кој не доби дозвола од клубот во Италија поради проблемите со коронавирусот, да дојде на овој прв репрезентативен собир по пауза од цела година.

„Започнуваме нов квалификациски циклус и ќе се обидеме да оставиме силен впечаток. Се разбира, доколку ни се укаже шанса и да оствариме пласман на континеталниот собир 2022. година. Македонскиот репрезентативен футсал е на една голема пресвртница и мораме да започнеме со етапна фаза на подмладување на репрезентацијата. Тоа што веројатно требаше да се направи пред две или три години, сега се чини е неизбежност. Имавме две опции, или да се направи инстант решение со натурализирање на неколку Бразилци, како што селекцијата на Романија го реши начинот на смена на генерацијата, или да одиме по потешкиот, но според мене посладок пат, а тоа е да почнеме со вклучување на наши помлади играчи во овој циклус. Го одбравме вториот начин, ќе биде сигурно многу потешко затоа што вклучуваме играчи кои ќе бидат дебитанти и тоа токму на натпревари кои се исклучително важни за пласманот на ЕП“, вели Скендеровски.

Според најавите на селекторот, планот на оваа селекција е да се покаже во најдобро можно светло, но приоритет е да се изгради тим за следниот циклус за мундијалските квалификации.

„За овие први два натпревари повикав двајца дебитанти Костадинов и Јованов, но веќе на следните два натпревари во март против Србија ќе бидат повикани дополнителни двајца дебитанти на местото на некои повозрасни играчи кои долго време се во репрезентацијата. Планот е овие квалификации да ги завршиме со неколкумина дебитанти (6-7) кои ќе бидат силна поддршка на оваа репрезентација во следниот циклус за пласман за СП. Што однесува до подготовките, ги започнуваме на 23-ти, а веќе првиот натпревар го играме против БиХ на 28- ми овој месец во Зеница. Искрено, нашиот најголем хендикеп е фактот дека ова е нашиот прв собир по пауза од една година. Ситуацијата со корона кризата и неиграњето на баражот со Англија, направи да немаме ниту еден пријателски или официјален натпреавр веќе една година. Ќе биде навистина многу тешко, посебно на првите два натпревари со оглед на фактот дека кај нас веќе е во полн ек паузата на домашното првенство и многумина од играчите се надвор од натпреварувачка форма“, вели селекторот.

ГОЛМАНИ: ПЕТРОВСКИ Антонио (СК Проект Цико), ПЕТРОВСКИ Влатко (Арбен Бајрами), СТОЈАНОВСКИ Иван (Шкупи);

ОДБРАНА: СУЛЕЈМАНИ Реџеп (Шкупи), ИСМАИЛИ Таулант (Арбен Бајрами), ПЕТРОВИЌ Драган (Шкупи), Даниел ДЕ СОУЗА (Славија Прага, Чешка), Џокица Џо АРСОВСКИ (Штутгардер);

НАПАД: КРСТЕВСКИ Иван (СК Проект Цико), ГЛИГОРОВ Александар (Шкупи), ЛЕОВСКИ Игор (Славија Прага, Чешка), МИЦЕВСКИ Адријан (Бетон Бојс, Германија), КОСТАДИНОВ Марјан (СК Проект Цико), РАНГОТОВ Дарко (СК Проект Цико), ТОДОРОВСКИ Мартин (СК Проект Цико), АНДОВ Димче (СК Проект Цико), СЕФЕРИ Еркан (Шкупи), ЈОВАНОВ Јосиф (СК Проект Цико);