Швајцарија бара Евро 2021 да се игра во еден или максимум два градови!?

Иако УЕФА и претседателот Александер Чеферин цврсто стојат на ставот дека Евро 2021 ќе мине најнормално во избраните 12 градови и со полни стадиони, се повеќе скептци има дека такво нешто е возможно, па откако ЕСПН најави дека сериозно се размислува за турнир во „балон“ без гледачи и во една земја, првиот човек на швајцарскиот фудбал Доминик Бланк дури бара турнирот да се игра во еден или максимум два градови во една земја!

Бланк е член на комитетот за национални федерации на УЕФА во кој е и првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини, па како се наближува датумот кога УЕФА треба девинитифно да пресече како ќе се одржи ЕП, Швајцарецот оди со најрадикалните планови од причина што признава дека ситуацијата со коронавирусот не се смирува, ниту пак во брзо време ќе се стабилизира.

„Прва опција е турнирот да се игра во една земја, во Германија или Русија, на пример. Но, треба да се разгледа и порадикална опција, а тоа е да се игра Евро 2021 во еден, евентуално максиумум два градови“, вели Бланк.

Како ваква лудорија со организација во еден или два града, кои би обезбедиле барем пет-шест стадиони за да се исполни условот за нормален тек на мечеви според распоредот, нејасно е како би се реализирала, но самиот Бланк посочува дека ситуацијата во Европа не е сјајна, за да се даваат преоптимистички изјави.

„Евро 2021 ќе се игра, ама како – никој не знае! Никој не е сигурен што може да се случи, а гледано од здравствен аспект со вакво забрзување на ширење на вирусот, не гледам како би било изводливо да се игра во 12 градови. Да не се правиме паметни, ама светло на крајот на тунелот не се гледа, забраните за патувања се проблематични и сега од оваа перспектива сѐ изгледа многу тешко. Не гледам како Швајцарија би одела во Баку“, додава тој.

Според него Лондон може сам да го органзиира Евро 2021 со шест стадиони, Русија и Германија исто така со минимален број на градови би можеле да бидат домаќини, а за враќањето на навивачите е уште помалку оптимист.

„Мене ми изгледа тоа на избрзана одлука во поглед на навивачите“, вели Бланк.

УЕФА на 5 март на Извршен комитет треба да пресече околу Евро 2021, а има четири сценарија кои претходно централата во Нион ги постави за секој град домаќин околу бројот на гледачи, ама и играњето без публика. Но, првиот човек на УЕФА пред Нова година, најави дека очекува полни стадиони.

„Вакцинирањето започна, така да очекувам полни стадиони и нормален тек на ЕП, како што беше предвидено. Планот е да се игра Евро 2021 во сите градови“, вели Чеферин.

Но, вакцинизацијата низ Европа не оди според планот, па многумина се сомневаат, а и од Светската здравствена организација тоа го посочија, дека колективен имунитет на стадо во оваа 2021 година тешко е да се очекува да се оствари.

Македонија треба да дебитира на овој континентален шампионат, а два меча треба да ги игра во Букурешт, а еден во Амстердам според оригиналниот план. Сега, до 5 март цела јавност ќе биде во неизвесност, прво дали турнирот ќе се игра со гледачи, за да се случи инвација на романската престолнина, а второ и дали Букурешт би останал домаќин, после вакви најави.