Шумуликоски: На ЕП нема што да загубиме, а овие момци заслужија да им симнеме капа!

Величе Шумуликоски, поранешниот македонски репрезентативец кој одигра 84 настапи за националниот тим беше еден од најоспоруваните и најкритикуваните играчи во изминативе две децении, додека не се појави оваа генерација која од минатата недела ја внесе Македонија во европскиот фудбалски крем со пласманот на едно Европско првенство.

Шумуликоски моментно е спортски директор на Словачко, националниот дрес го носеше од 2002 до 2013 година, настапи на 84 меча, па за чешките медиуми сега им ја пренесе сета еуфорија во Македонија која се случува деновиве после историскиот успех, за кој вели – им симнувам капа до под на овие момци.

„Македонија едноставне експлодираше, луѓето уживаа, се радуваа. Прославуваа иако не е дозволено, ама што може полицијата кога сите излегле надвор. Ова е прв голем чекор откако сме независни, долго време чекавме на ваков успех. Досега само во ракометот имавме успеси, па сега треба да им се симне капа на овие момци“, вели Шумуликоски.

Тој посочува дека оваа генерација на фудбалери предводена од најискусниот Горан Пандев, со низ аодлични играчи како Елмас, Барди, Алиоски..., го искористиле моментот и со реформите на УЕФА за да го остварат тој децениски сон на Македонија.

„Го искористивме моментот, сега секој има шанса да игра и да напредува. Момците практично не загубија и заслужено одат на Европско. Плус многумина од нив играат во странство, тоа помага многу. Сега е сѐ поинаку во однос на порано, кога мораше да добиеш виза, па работна дозвола. Во мое време поголем дел од фудбалерите беа домашни, игравме квалификации со по седум селекции, ни паѓаше Холандија, двапати Турција..., а плус судиите не сака 'мали', па честопати си велеа: 'ова е Македонија, сечи ја'. Сега е поинаку, многу промени се направени, а и многу е поголем респектот кон помалите земји“, потенцира Шумуликоски.

Македонија на ЕП од 13 до 21 јуни ќе одогра мечеви со Австрија, Украина (двете во Букурешт) и Холандија (Амстердам) на своето деби на големата сцена, а според бицшиот македонски репрезентативец, црвено-жолтите нема што да загубат на ЕП, туку полни со самодоверба може ѝ да изненадат.

„Нема што да загубат момците на ЕП. Некои од играчите може да отидат и во подобри клубови пред првенството што би било плус. Украина и Австрија се селекции со кои може да се надигруваш, сега момците се полни со самодоверба. Мислам дека може да играат со сите, па и со Холанѓаните. Ќе биде интересно. Сега тие нема да се плашат, ќе дадат сѐ од себе...“, потенцира Шумуликоски.

Стружанецот во својата кариера играше за словенечки Публикум, па за Словачко, Зенит, Бурсаспор, потоа англиските Ипсвич и Престон, руски Сибир, кинески Тијанин Теда, а кариерата ја заврши во Словачко, каде сега е спортски директор.