Се пласиравме на Евро 2021, а нема да мрднеме ни едно место на ФИФА-листата!?

Македонската фудбалска репрезентација ја испиша златната страница во историјата на фудбалот во овие три децении, откако минатата недела обезбеди настап на Европското првенство догодина низ Европа, после триумфот во Тбилиси против Грузија со 1-0, но иако остваривме историски успех, тоа нема да ни донесе ништо на најновото рангирање на Светската фудбалска федерација (ФИФА).

После завршениот последен репрезентативен циклус за оваа 2020 година, во која Македонија освен што ја победи Грузија за да избори ЕП, триумфираше и против Естонија, а загуби од Ерменија во завршницата од Лигата на нации, по што останавме во Лига Ц од ова натпреварување, на претстојното рангирање на ФИФА на 26 ноември, кога ќе биде официјално објавена најновата листа, ќе останеме на 65-то место.

Специјализираните страници за рејтинг веќе го објавија најновото рангирање на кое ние ќе имаме 1.363 рејтинг-поени и за една позиција ќе бидеме пред Албанија, а за три позиции зад Словенија. Интересно овие две селекции месецов обезбедија влез во Лига Б, но имаат различен пласман на ранг-листата.

Зошто Македонија не напредуваше после пласманот на ЕП, може да се бара во фактот дека ние месецов игравме со селекции кои се по рејтинг послаби од нас, што значи автоматски многу помалку рејтинг поени можевме да освоиме, а кумуваше и еден пораз од послаба селекција, па затоа историскиот пласман не ни носи ни незначителен напредок на ФИФА-листата.

Сооглед дека до март, кога ќе стартуваат мундијалските квалификации ќе нема никаква активност, веќе е јасно дека Македонија ќе ја заврши годината на 65-то место, а за нов напредок ќе чека нов репрезентативен собир, како и „контролските“ и настапите на ЕП потоа во јуни, а од септември потоа ни следува пеколен ритам за да се доиграат квалификациите за СП во Катар.

Најголем напредок месецов ќе имаат Екваторијална Гвинеја и Бурунди со скок од 10 позиции, а Романија и Унгарија се втори со по седум позиции. Нивниот скок од седум места е најдобар во „топ 50“, посебно за Унгарија која стигна до нов настап на ЕП, ама и пласман во кремот на Лига на нации со влез во А-дивизијата.

На врвот на листата ќе нема преголеми промени меѓу петте најсилни, а од топ 10 ќе испадне Хрватска, која со пад од две позиции сега ќе е 11-та, додека Италија и Мексико со скок од две места ќе се во најдобрата десетка, која ја предводи Белгија пред Франција, Бразил, Англија, Португалија, Шпанија, Аргентина, Уругвај и сега Мексико и Италија.