„Сан“ типува дека Македонија нема да ја мине групата на ЕП!

Британскиот таблоид „Сан“ во пресрет на Европското првенство кое летово ќе се одржи во 11 градови низ Европа, во својата анализа за претстојниот еврошампионат, предвидува дека Македонија нема да ја помине групата и дека ќе испадне уште по групната фаза.

Иако англискиот таблоид ја испофали Македонија, посебно после епскиот триумф во Германија, сепак немаат доверба дека во групата Ц со Холандија, Австрија и Украина, црвено-жолтите може да бидат меѓу 16-те екипи од вкупно 24-те што ќе продолжат во осминафиналето.

Според системот на натпреварување, првите две од шесте групи одат во осминафинале, како и четири од шесте најдобри третопласирани екипи, а според „Сан“, после првиот круг и групите, Македонија ќе испадне заедно со Велс, Финска, Чешка, Словачка, Унгарија, Русија и Австрија.

Македонија и Австрија се во иста група и на 13 јуни играат меѓусебе на нашето деби на континенталниот шампионат, па според британскиот таблоид, само две селекции, во случајов Холандија и Украина ќе продолжат понатаму, што значи дека ни Македонија, ни Австрија нема да бидат меѓу четирите најдобри третопласирани екипи.

„Групата Ц во која се Холандија, Австрија, Украина и Македонија, изгледа дека е екстремно компетитивна зашто има три селекции кои се буквално изедначени, особено што Вирџил Ван Дијк нема да игра за Холанѓаните. Македонија успеа брилјантно да се пласира и со самиот пласман е задоволна, без оглед што ја шокираа Германија во мундијалските квалификации во март. Македонија не смее да биде потценета поради својот потенцијал“, пишува „Сан“.