Само победа ќе го испере срамниот пораз од Гибралтар

По двата порази во низа и срамот со Луксембург во минатиот месец, младата македонска фудбалска репрезентација нема друг избор за да се испере за неуспесите, па против Австрија попладнево (13 часот) на Националната Арена „Филип Втори“ ќе мора да победи за да се врати во игра за висок пласман во овие квалификации за Евро 2019 во Италија.

Разочарувачки беа последните два настапи на младата репрезентација, па пред оваа генерација е шанса денеска да покаже дека навистина има квалитет за борба за највисок пласман и дека негативностите кои се појавија на последните два меча со лоата организација на игра и на моменти недисциплината поради желба за соло-акции ќе биде отстранета, па тимски ќе се запише нова победа за продолжување на фудбалската радост месецов, почната со надежите до 19 години, а продолжена од триумфот на сениорите во пријателскиот меч со Норвешка.

Македонија има само три бода по три кола, три помалку од денешниот ривал Австрија од четири меча, па триумф би бил добредојден за да се освои четврото место пред зимската пауза и на пролет да се атакува на дополнително искачување на табелата, затоа што Русија би била на четири бода со меч повеќе од црвено-жолтите, а Ерменија на само бод со два меча повеќе. Србија засега е неприкосновена со максимален ефект од четири победи во групата, меѓу кои и триумф против Македонија во Скопје пред неполн месец.

„Имаме уште седум меча до крајот, а шанси како шанси секогаш постојат. Не очекуваат мечеви со директни противници за врвот и мислам дека овие мечеви, почнувајќи од Австрија, може да биде клучен, но и не мора да значи. Овој меч е шанса да видиме до каде ни се можностите во овие квалификации. Нормално е да постои притисок без разлика дали е Гибралтар, Австрија или Србија. Квалитетот или способноста да се справи еден фудбалер со притисокот ја прави разликата меѓу играчите и натпреварувачите. Момците покажаа дека имаат талент, дека може да се носат со одреден притисок, без оглед дали е позитивен или негативен. Сега како ќе се однесуваат во текот на овие квалификации ќе видиме“, вели селекторот Благоја Милевски.

Селекцијата по еден меч, повторно е засилена со макдонскиот бисер Елиф Елмас, кој го прескокна срамот во Фаро (Португалија) против Гибралтар поради обврски со А-тимот. Сега, повторно е во селекцијата до 21 година, за да помогне, откако две години помладите репрезентативци и негови врсници (У19) направија сензација и по две кола со фаворизираните Швајцарија и Белгија обезбедија пласман во елитнта фаза од квалификациите за Евро 2018 во Финска.