Ристовски: Ова не е пораз, ова е дебакл – треба да се замислиме!

Македонскиот десен бек Стефан Ристовски, фудбалерот на Спортинг Лисабон самокритично посочи дека сите во А-селекцијата треба добро да се замислат и дека очигледно не сфаќаат за што целат, после дебаклот од Австрија со 1-4 вечерва во Скопје.

Ристовски беше еден од малкумината што застанаа пред новинарите за да кажат што се случи за 90 минути во пресметката со вториот фаворит во групата Австрија, за разлика од најголемиот дел од ѕвездите кои избегаа и не сакаа да кажат ништо.

„Цело време имаме некоја цел, целиме кон нешто, тренираме, се потиме, даваме максимум за една ваква презентација и очигледно – не сфаќаме во главите. Ова не е пораз од еден гол, ова е дебакл. Сите играме во клубови, но вакво нешто не покажуваме. За мене дресот на Македонија е светост, ако играш во клуб со 100 отсто, за репрезентација треба – 200 отсто. Многу ми е криво. Имавме пред нас посилна репрезентација, но теренотпокажа друго. Сега не треба да се предадеме, треба да ја истуркаме оваа група, а имаме уште една шанса за ЕП преку Лигата на нации. Денеска бевме многу слаби и ако не извлечеме поука од ова, не знам од каде ќе извлечеме поука. Работата е што кога играш со посилна селекција, поспремна, треба малку да застанеш, да си помогнеш еден на друг, а ние денеска – лесно се предадовме!“, вели Ристовски.