Ристовски: Германија на гости да играше со Италија и Португалија тешко ќе поминеше до СП!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Стефан Ристовски, фудбалерот на загрепски Динамо посочи дека постои мала горчина после поразот од Португалија, но никако тага за неуспехот да се направи последниот чекор кон историјата и пласман на Светското првенство во Катар на крајот на годинава.

Македонија го имаше најтрнливиот пат кон најголемиот светски собир, од четвртиот барабан тргна во квалификациите, ја победи Германија среде Дуисбург во циклусот за да стигне до плејоф за првпат во историјата (најдобри квалификации на А-тимот), а потоа мораше против последните два европски прваци, актуелниот Италија (Еуро 2020) и претходниот Португалија (Еуро 2016) и тоа на гости, да бара виза за Мундијалот. Италија чудесно ја елиминиравме, но Португалија остана преголем залак.

„После ваков успех човек не може да биде тажен, штета што не се играше само еден меч, тој со Италија, па така целата приказна уште повеќе ќе се паметеше. Направивме сензација против Италија, а нѐ делеа само 90 минути од пласман на Светското првенство. И останува таа мала горчина, но не може човек да биде тажен, зашто игравме два меча со светски фудбалски сили. Па, една Германија да играше на гости со Италија и Португалија, тешко ќе им беше да поминат. А, ние одигравме машки, но тешко е сето тоа да се издржи против такви светски супер-сили. Но, кога сѐ ќе се собере – испаднавме херои!“, вели Ристовски.