Почнаа подготовките на нашите репрезентативци во Белек, Турција, за пријателските средби против Финска на 23. март и Азербејџан на 27 март.

Македонската фудбалска репрезентација полека се комплетира, откако од вчера стручниот штаб се смести во својата база на турскиот југ, па денеска попладне го одржа и првиот тренинг пред двата претстонои пријателски средби со Финска и Азербејџан.

На првиот тренинг денеска не беа само тројца репрезентативци Стефан Ристовки, Езџан Алиоски и Столе Димитриоски, кои подоцна во текот на денот ќе им се придружат на репрезентативните колеги. 

Селекторот Игор Ангеловски од претходно најави дека нема намера да експериментира со составот, па црвено-жолтите со комплетен тим ќе се обидат да ја продолжат серијата на успешни настапи започната од септемвриските мечеви во мундиалските квалификации која ги донесе до 75-то место на ФИФА-листата, а воедно овие два меча ќе бидат дополнителна шанса за воигрување на тимот пред стартот во септември во Лигата на нации против Ерменија, Гибралтар и Лихтенштајн.

Првиот меч на црвено-жолтите се игра в петок од 17 часот по македонско време со Финска, а четири дена подоцна во истиот термин е дуелот со Азербејџан.