Првата ѕвезда на Австрија: Веќе ја чувствувам еуфоријата за Евро 2020!

Австрија е на само еден бод до пласман на Евро 2020 и утревечер против Македонија очекува пред преполни трибини на „Ернст Хапел“ во Виена да го прослави новото учество на континенталниот шампионат, кој идната година првпат ќе се одржи во 12 европски градови.

Австријците се апсолутен фаворит и речиси секој очекува лесна победа и верификација на пласманот во ситуација кога оваа селекција нѝ одржа фудбалска лекција во јуни, а сега Македонија уште и ептен десеткувана доаѓа на гостувањето. Но, ако Марко Арнаутовиќ, напаѓачката ѕвезда предупреди да не се опушта никој зашто Македонија знае да биде опасна, првата ѕвезда од Баерн Минхен, Давид Алава веќе е во – еуфорија.

„Веќе ја чувствувам еуфоријата за Евро 2020. Пред Евро 2016 имавме победничка низа која беше необична за Австрија, ама сега чувствувам дека ској навивач е зад нас. Тоа го гледаме, тоа го чувствуваме. Пред три години тој пласман беше неверојатен, остварување на сонот за нас, ама така ќе биде и сега. Сега сме позрели, поинаков тим, многу поискусни, многу повеќе напреднати. Имаме одлично склопе тим, полн со квалитет, тим кој е на навистина високо ниво“, вели Алаба.