Проблем за Ангеловски: Велковски се повреди на јадранското дерби

Македонскиот селектор Игор Ангеловски на неполн месец пред стартот на мундијалските квалификации се соочува со сериозен проблем, откако денеска стоперот Дарко Велковски се повреди и на полувреме беше заменет во јадранското дерби со Хајдук.

Каква повреда има Велковски и колкав степен е таа допрва ќе биде познато, но македонскиот дефанзивец до неодамна исто така имаше проблем со слабините, па отсуствуваше од терените, а новата повреда секако не е добра вест, особено што нешто повеќе од три недели остануваат до собирот на националниот тим.

Ако Велковски има посериозна повреда тоа ќе биде сериозен хендикеп за македонската селекција, зашто националниот тим и онака е доста тенок, па ни резервистот Ѓоко Зајков не е во погон и влече(ше) повреда веќе извесен период, па во моментов само Егзон Бејтулаи и Висар Муслиу се стоперите кои се во ритам, како и Кире Ристевски, кој може да игра и на лев бек. Дополнителен проблем е неизвесноста дали поради оваа пандемија со коронакриза ќе може да се смета на Езџјан Алиоски, а добра вест е што добра форма веќе фати десниот бек Стефан Ристовски.

Ангеловски на мини тренинг-кампот пред десетина дена најави дека веројатно ќе има проширен список за националниот тим, ама засега не е познато кој сѐ од стандардните фудбалери би се ставил на располагање.

Македонија на 25 март во Романија го стартува мундијалскиот циклус, три дена подоцна е домаќин на Лихтенштајн, а на 31 март треба да игра на гости кај апсолутниот фаворит Германија.