Приказната за Петар Милошевски: Лав пред голот, јагне во животот!

Одбележувањето на четири годишнината од загинувањето на Петар Милошевски, првиот голман на фудбалската репрезентација на Македонија и нејзин директор во моментот кога го загуби животот, беше поводот кој го „натера“ неговиот брат Јован да објави емотивен текст односно да ја раскаже приказната за една од најомилените личности во историјата на овој спорт кај нас.

Популарниот Пеце замина во легендите на денешен ден во 2014 година, во сообраќајна незгода на излезот од Куманово и тоа по одигрување хуманитарен натпревар во овој град.

„Не сакам да раскажувам за професионалните успеси на мојот брат, кои сите добро ги знаат, туку за неговата човечка големина, која јавноста не ја познава многу, исто како и за нашиот приватен живот и нашето детство, од кое носам многу анегдоти и убави спомени од едно време кое не е толку далечно и различно од ова денес. Ние сме деца-сирачиња, растени со многу љубов и малку пари. Растевме со баба и дедо, кои нѐ чуваа како очите, додека мајка ни беше на работа. Нашето детство беше многу убаво и како сите деца од тоа време, игравме сѐ и сешто на улица која не беше асфалтирана. Тој од многу мал беше со топката во рацете. По цел ден ги бранеше шутовите и на многу повозрасните со кои игравме на улица. Немаше страв од ништо и кога многу ќе удреше никогаш не плачеше. Се сеќавам дека ми купија бел костум со вратоврска, за да учествувам на детски фестивал каде што пеев. После некое време мајка ми нѐ дотера двајцата за излегување на шеталиште и му го облече белиот костум на Петар. Не поминаа пет минути и тој се врати со костумот половина зелен - се фрлил на трева по некоја топка.

Кога имавме 9 и 10 години се преселивме и сѐ беше ново за нас. Во тоа време тој почна да тренира во Пелистер. Се враќаше од тренинг и пак одеше да игра фудбал со другарите. Со топката во раце беше по цел ден. Малку подоцна не само што го покажа својот талент во Пелистер, туку беше повикан во младата репрезентација на Југославија.

Полека преминуваше во професионалец и додека јас се обидував да ја разберам тешката литература која ја читав, тој лежеше на својот кревет и ја одбиваше топката од ѕидот. Во тие години знаеше да ги донеси дома другарчиња со кои играше фудбал, а кои не беа од Битола, да каснат нешто и нашата мајка да ги подзакрпи тренерките на сите. Знаеше и од дома да земе тегла ајвар и сирење и да отиде кај другарите да јадат заедно“, се потсеќа братот на починатиот фудбалер на нивното заедничко детство.

Потоа, Јован Милошевски се обидува да ги објасни размислувањата и емоциите на Петар кога веќе станал професионалец и кога почнале за него да се интересираат силни клубови од странство.

„На 19 години заминав во Шпанија и не бев свесен за огромната преобразба на Петар сѐ додека тој за прв пат не дојде да ме посети. Сите мои книги од филозофија и историја, новели и религија ги прочита и ме надмина во сѐ. Во 1998 година ми се јави да одам Германија, зашто Борусија Дортмунд и ПСВ Ајдховен беа заинтересирани за трансфер. Во меѓувреме влезе во преговори со Трабзон и иако му беше многу тешко да отиде од Македонија потпиша и замина за Турција. Имаше многу повреди и како секогаш, никогаш не се пожали. Ќе излезеше на вечера со луѓе кои ќе го посетат, ако не го оставеја да плати, тој ќе застанеше кај првиот кој проси на улица и му ги даваше сите пари што ги имаше во џеб. Таков остана цел живот. Скромен, ненаметлив и авторитетен“, пишува братот на легендарниот македонски голман.

Нивната последна средба дошла ненајавено и изненадувачки, но е толку емотивна поради што Јован секогаш со солзи се потсеќа на неа.

„Бевме разделени многу години и се гледавме само кога можевме. Ги памтам многу добро сите наши средби, но последната беше специјална. Последниот пат јас дојдов како изненадување, на свадба на наша братучетка. Овие моменти беа едни од најубавите кои ги памтам со целата фамилија. Баба ми Анца стана на оро да игра со нас и со радосни солзи во очите не гледаше зошто бевме заедно сите. Но, следниот ден беше и последен. Тој ден зборувавме со голем ентузијазам за проектот за стадион во Битола и за тоа колку многу може да се направи за младите и за спортот во напиот град и тоа со многу малку средства. Имаше извонредни идеи. Како вчера се сеќавам, беше недела кога зборувавме последниот пат по телефон. Ми рече: 'Бато го запознав Влатко Стефановски', кого секогаш го сметал голем човек и музичар. Потоа, дознав дека и Влатко кога се вратил дома ѝ рекол на сопругата дека запознал чудо од човек – нашиот Петар“, пишува Јован Милошевски.

Во продолжение, братот на починатиот голман раскажува за неговата големина и добрите дела за кои речиси никој и не е и знаел дека ги направил, бидејќи таква била неговата желба.

„На некои луѓе им биле потребни пари за операција на нивното дете во странство и му се обратиле на Петар за помош. Тој се распрашал кај сите доктори кои ги знаел и им дал толку пари колку што им требале со напомена да не биде спомнат никаде. По некое време, на нашата мајка ѝ пришло непознато дете кое ја гушнало и ѝ рекло: 'Тетке, вашиот син ми го спаси животот, цел живот ќе му бидам благодарен и ќе се молам за него'. Нашата мајка и ден денеска не ги познава луѓето на кои Петар им има помогнато. Сѐ уште многу не се знае што правел, за кој и како. Вакви сведоштва има и наоколу во светот каде што бил - Турција, Кипар... Одеше во Света Гора за да се моли и да бара божји благослов. Беше сакан заради својот талент работа и невидена скромност како и човечки вредности кои не постојат денеска“, дополнува Јован.

За крај, братот на Петар Милошевски ги замолува сите кои го сакале и ценеле да се придружат на иницијативата стадионот во Битола да го носи неговото име.

„Малку се тие кои во своите 40 години направиле толку многу во сета смисла на животот. Затоа, би ве замолил сите вас, кои го мислите истото како мене, да се придружите на иницијативата за името на стадионот во Битола. Тоа мислам е единствен начин Битола да му се оддолжи на Петар Милошевски кој е вистински пример за човечка големина“, завршува со емотивното писмо братот на трагично загинатата фудбалска легенда на Македонија.

Извор и фото: БабамБитола.мк