Познати мундијалските барабани: Македонија чека три посилни противници на 7 декември (ФОТО)

После комплетирањето на втората сезона во Лигата на нации во која Македонија не успеа да стигне до Лига Б, црвено-жолтите на 7 декември ќе ги дознаат противниците за следниот предизвик – мундијалските квалификации. Од претходно е познато дека ќе стартуваме од четвртиот барабан, а сега веќе се комплетирани барабаните со што познати се потенцијалните наши противници.

Македонија остана во четвртиот барабан, зашто пресметките со послабо рангирани селекции од нас, не ни донесоа многу бодови за преголем напредок на ФИФА-листата, која е основа за составување на барабаните за мундијалската ждрепка која он-лајн ќе се одржи во Цирих од 18 часот за нецели три недели.

Со самиот факт дека сме во четвртиот барабан, не може да се сретнеме со селекциите од него, па ги „избегнуваме“ БиХ, Словенија, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Израел, Белорусија, Грузија и Луксембург. Но, тоа што сме во овој барабан, значи дека ќе добиеме три позилни слекции, а тешко е да се претпостави од барабаните какви што се сега, што би било идеален и „најлесен“ противник од секој од првите три барабани за да добиеме група во која би можеле да се надеваме и на пласман на Светското првенство во Катар за две години.

Во првиот барабан се десетте најдобри селекции од Европа – Белгија, Франција, Англија, Португалија, Шпанија, Италија, Хрватска, Данска, Германија и Холандија.

Во вториот се Швајцарија, Велс, Полска, Шведска, Австрија, Украина, Србија, Турција, Словачка и Романија

Во третиот се Русија, Унгарија, Република Ирска, Чешка, Норвешка, Северна Ирска, Исланд, Шкотска, Грција и Финска.

Во петиот, кој треба да ни донесе послаб противник, има неколку „нагазни мини“ како Косово или Ерменија, од која веќе двапати во две години губиме на гостувања, а тука се и Кипар, Азербејџан, Естонија, Казахстан, Литванија, Летонија и Андора.

Најслабиот шести барабан има само пет селекции со Малта, Молдавија, Лихтенштајн, Гибралтар и Сан Марино.

Според пропозициите за ждрепката пет групи ќе имаат по пет селекции, а пет по шест. Загарантирано е за учесниците на фајнлфорот во Лигата на нации во октомври 2021, Франција, Италија, Шпанија и Белгија дека ќе бидат во групи со по пет селекции, а уште една на ждрепката ќе биде сместена во таква група од носителите, додека останатите пет ќе бидат во група со по шест селекции.

На СП пласман директно обезбедуваат само првопласираните репрезентации, додека десетте втори селекции одат во бараж. Таму ќе им се придружат две селекции од победниците во групите во оваа сезона во Лига на нации, кои нема да бидат на првото или второто место во квалификациите. Потоа овие 12 селекции со ждрепка ќе бидат поделени во три костури и преку полуфинале и финале во плејоф ќе ги дадат последните три патници на Мундијалот во март 2022 година.