Последниот македонски танц на капитенот: Холандија му е втора најомилена на Пандев!

После две децении во црвено-жолтиот дрес, 122 меча, 38 гола, последниот меч на дебитантското Еуро 2020 со Македонија за Горан Пандев, во Амстердам против Холандија ќе биде последниот танц на фудбалскиот терен во националниот дрес пред да замине во пензија, како круна на фантастичната кариера во која успеа да оствари сѐ за што сонувал.

Пандев против Холандија ќе игра петти пат, играше на сите четири претходни мечеви во двата квалифиакциски циклуси во кои Македонија има две ремија и два порази, а македонскиот капитен успеа во два од четирите меча да им даде гол на „лалињата“.

Од 38-те гола што ги даде за Македонија во целата своја кариера, два се против вечерашниот противник, а интересно, тоа излегува дека Холанѓаните му се втор најомилен ривал, зашто само против Ерменија, Пандев има дадено повеќе голови во својата репрезентативна кариера – четири.

Првиот гол Гандев против Холандија, кој го посочи како еден од најубавите во неговата кариера кога стигна до јубилејните сто настапи во репрезентативниот гол, беше на 9 октомври 2004 година во ремито 2-2, кога стрелец беше и неговиот сограѓанин и соиграч од Беласица, со кого заедно во пакет заминаа во Интер, Ацо Стојков.

Вториот гол, Пандев на Холандија ѝ го даде на 10 септември 2008 година во поразот во Скопје со 1-2 од пенал на 13 минути пред крајот за да ја намали предноста, но македонската репрезентација до крајот не успеа да се спаси од пораз.

Сега пред капитенот кој одбележа една ера и ја донесе Македонија на големата сцена е последниот танц, на стадионот на великанот Ајакс, четирикратниот европски првак, во земјата која се роди најнапаѓачкиот фудбал и која изроди легенди од Јохан Кројф па се до оваа генерација на холандски суперѕвезди, за да стави печат на врвната карира во која шлаг на тортата е овој настап на Еуро 2020 и голот на дебито на Македонија на еврошампионатот.

Зад Пандев ќе остане запишано дека е европски и светски првак со Интер, освојувач на скудетото со „нераѕурите“, победник на Купот со три клуба (Лацио, Интер, Наполи), еден од малкумината странци со над 450 настапи во Калчото, меѓу 80-тината фудбалери во Италија со сто голови, стрелец на голот за виза за Еуро 2020 во Тбилиси и стрелец на првиот гол за Македонија на Европските првенства.

Попладнево „Гранде Мачедоне“ ќе го има својот последен танц за националниот тим, со желба дека со гол и барем бод ќе замине во заслужена пензија, оставајќи предизвик за следните македонски ѕвезди да го достигнат и надминат во иднина.