После падот, ќе скокнеме на ФИФА-листата: Македонија кога не игра – напредува!

Македонската фудбалска репрезентација ќе напредува за две позиции на најновата ФИФА-листа, која светската организација ќе ја објави в чертврток на 25 јули.

После падот на црвено-жолтите по двата порази во евроквалификациите од Полска (0-1) и од Австрија (1-4), репрезентацијата назадуваше за пет позиции, па минатиот месец се најде на 73-то место, а сега без настапи црвено-жолтите ќе скокнат на делба на 71-то место.

Македонија на најновата листа ќе остане со своите 1.333 рејтинг-поени, а ќе има ист рејтинг со Кина, со која ќе ја делиме најновата позиција. Од македонските ривали Полска ќе падне за едно место и ќе се најде на делба на 20-то место, Австрија исто така ќе назадува за една позиција до 27-то место, додека Словенија како и Македонија ќе напредне за две позиции до 63-то место. Израел, кој во моментов е втор во квалификациите останува зад Македонија на 84-та позиција поради нов пат од две места, а убедливо најслабата Летонија ќе биде 134-та со скок од три места.

На врвот на листата исто така ќе има промени, но Белгија останува лидер, сега пред Бразил, кој со Франција си ги сменија позициите поради јужноамериканската титула на „кариоките“. Англија е четврта, а нов член на топ пет е Уругвај. Во најдобрите десет следат Португалија (пад за едно место), Хрватска (пад за едно место), Колумбија (скок за пет места), Шпанија (пад за две позиции) и Аргентина (скок за едно место).