Помладите надежи на Македонија елитните квалификации ќе ги играат во ноември

Помладата надежна селекција на Македонија до 19 години ќе мора да чека дури до ноември за да ја одигра својата елитна фаза во Шпанија од последниот квалификациски циклус кој го прекина пандемијата со коронавирус, откако Извршниот комитет на УЕФА повторно го презакажа одигрувањето на оваа главна квалификациска рунда за претпоследниот месец во 2020 година.

Надежите во март требаше да играат во елитната фаза, но избувнувањето на ковид-19 во Европа го сопре фудбалот и ги откажа квалификациите, а откако фудбалот се рестартираше, првиот план беше елитната рунда да се игра веќе идниот месец.

Но, сега повторно УЕФА ја презакажа елитната рунда, за ноември. Македонија е во група со Шпанија, која е домаќин на турнирот и актуелен бранител на трофејот, потоа Белгија и со Бугарија, а само првопласираните од седумте групи ќе одат на Евро 2021, кое ќе се игра во Северна Ирска во март догодина, а кое е квалификациско за пет селекции од Европа да играат на Мундијалот за фудбалери до 20 години во Индонезија од 20 мај до 12 јуни идната година.

Предводник на оваа генерација на македонски надежи треба да биде суперталентираниот Давид Тошевски, кој веќе дебитираше за младинската селекција до 21 година против Шпанија, иако кај помладите надежи во првиот квалификациски филтер Тошевски беше резерва во два од трите меча, а кога заигра од стартот даде гол и беше еден од клучните фудбалери за пласманот во оваа фаза од натпреварувањето.