Панини објави специјална сликичка од деби голот на Пандев за Македонија на Еуро 2020 (ФОТО)

После лудницата што изминативе безмалку три месеци се случуваше во Македонија со сликичките на Панини за албумот за Европското првенство поради нашето деби на големата сцена, италијанската компанија подготви дополнително изненадување – сликичка од деби голот на Горан Пандев.

Панини низ светот лансираше три албуми, од кој еден беше достапен во Македонија, па од преголем интерес на почетокот дури и снема од толку бараните сликички, но имаше и еден албум „Адреналин“, во чиј пакет сега доаѓаат и изненадувањата.

Сликичката е од моментот на голот на капитенот на македонската репрезентација Пандев, кој го даде на воведниот меч на Европското првенство против Австрија, во тој момент за израмнување, па оваа сликичка има дополнителна вредност, зашто го одбележува и нашето деби, првиот гол на големата сцена, а плус што е погодок на иконата на репрезентацијата која замина во пензија во понеделникот после мечот со Холандија.

Инаку ова изненадување со сликичката од деби голот се продава за цена од – 10 евра.