Пандев за грчка „Газета“: Пласманот на Евро 2021 е најубавото нешто што ми се случи во кариерата!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев во интервју за грчка „Газета“ посочи дека среќата и насмевките на лицата на неговите соиграчи во македонската репрезентација е нешто најубаво што му се случило во фудбалската кариера, откако лани Македонија обезбеди прво учество на Европското првенство.

Пандев беше стрелец на победничкиот гол во Тбилиси за пласманот на Македонија на Евро 2021, даде гол во историската победа над Германија пред две недели во Дуисбург во мундијалските квалификации, а летово со националниот тим ќе дебитира на големата сцена, па на Грците им го објасни доживувањето со македонската фудбалска репрезентација во изминатиов период во кој Македонија пишуваше историја.

„Никогаш не верував дека мојата репрезентација ќе ја видам на голем настан, ниту на 37, ниту на 38 години, но како човек верувам во судбина во животот. А, таа судбина сакаше да се случи тоа. Имам играно за многу клубови, имам видено многу, имам освоено сѐ, но победа со националниот тим не нешто што не се споредува. Ги давав сите трофеи во кариерата само за да одам на Евро 2021 со мојата селекција. Многу добро се сеќавам на тој меч со Гузија. За нас тоа беше како да сме го освоиле Европското првенство, иако ние само успеавме да се пласираме. Не беше лесно, но таа среќа и насмевки на лицата на моите соиграчи е најубавото нешто што ми се случило во кариерата. Сега на Европско одиме и немаме што да загубиме. Кога верувате во себе, добивате награда“, вели Пандев.

Германија до мечот со Македонија имаше само два порази во историјата во мундијалските квалификации, од Португалија во 1985 и од Англија пред две децении, во 2001 година, па дојдоа црвено-жолтите и направија чудо од епски размери.

„Ноќта во Дуисбург е историска. Да ви ја кажам вистината, еве после две недели од тој меч, не верував дека можеме да направиме такво чудо. Германија цели 20 години немаше загубено меч од квалификации за СП, а ние успеавме да ги победиме. Господ сакал тоа да се случи, што друго да кажам“, додава Пандев.

Капитенот на Македонија ги освои сите можни титули во кариерата, со Интер во 2010 година освои „скудето“, Лига на шампиони, светска клупска титула, со Лацио и Наполи освоијуваше Купови, има над 460 меча, близу е до јубилени 100 гола во Серија А... Во интервјуто посочува како му пропаднал и трансфер во Олимпијакос на почетокот на кариерата, како ПАОК бил загреан за да го донесе, но решил да остане во Италија поради семејството...

„Ќе ви ти откријам дека кога бев мал, пред да заминам во Интер бев многу блиску до Олимпијакос. Но, претседателот на мојот тогашен тим (Беласица) го расипа трансферот. Пред неколку години бев во разговори со ПАОК, кој многу сакаше да дојдам, но години бев во Италија, моето семејство се чувствуваше добро тука и останавме“, вели Пандев.

На Грците им порача дека политика не го интересира, а дека прва асоцијација за јужниот сосед му е – лето и одмор!