Пандев: Убеден сум дека ќе ја победиме Грузија (ВИДЕО)

Македонската фудбалска репрезентација утре во Тбилиси ќе се соочи против Грузија во финалето на баражот за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2021 година, а македонскиот капитен Горан Пандев е оптимист пред најважниот натпревар во историјата на Македонија.

Пандев даде интервју за Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и призна дека ова е најважниот натпревар во неговата кариера затоа што веќе 20 години сонува за пласман на ЕП.

„Секоја чест за ракометарите, кошаркарите и одбојкарите, како и за сите останати, но сигурно фудбалот е број еден спорт во светот и чекаме 30 години на пласман на ЕП. Имаме големи шанси, но нема да биде лесен натпревар, зашто и тие чекаат на настап како и ние. Сепак, мислам дека имаме поквалитетна репрезентација и мислам дека не треба да не понесат емоциите, туку треба да играме како што ќе се договориме и убеден сум дека ќе ги победиме Грузијците. Сум играл повеќе од 500 натпревари во кариерата, сум играл важни натпревари, но ваков дуел со репрезентација досега не сум играл. Веќе сум во 38 година и свесен сум дека ова за мене е последна шанса“, вели Пандев.

Пандев вели дека во моментов владее добра атмосфера во репрезентацијата и смета дека ова е генерација која може да избори пласман на ЕП.

„Во репрезентацијата сум долги години. Имавме добри и лоши моменти. Променив повеќе од 100 соиграчи, но никогаш ја немало оваа хемија, што ја направи селекторот Игор Ангеловски. Сме имале и други добри селектори, како и одлични фудбалери, но никогаш не сме ја имале оваа хемија, а тоа се гледа и по резултатите. Сите знаеме каде бевме пред пет години и каде стигнавме сега“, кажа капитенот на Македонија.