Пандев се двоуми за пензија: Прво да уживам(е) на Евро 2021, па ќе видиме!

Капитенот на македонската фудбалска репрезетација, иако најави дека најверојатно после Европското првенство летово на дебито на големата сцена со Македонија ќе замине во пензија, сепак сѐ уште се двоуми дали да стави крај на големата кариера, особено откако црвено-жолтите направија епски подвиг со победата против Германија во мундијалските квалификации.

Македонија после три кола има шест бода колку и Германија, три зад засега перфектната Ерменија, а септемвриските мечеви со Ерменија и Романија дома и Исланд на гости, може да ја отворат вратата кон најмалку баражот за СП, особено зашто Германија и покрај поразот останува апсолутен фаворит за првото место кое води директно на најголемиот фудбалски фестивал во Катар идната година.

Веќе неколкупати досега од тренерот на Џенова, Давиде Балардини, преку македонски легенди, а комплетно целата јавност посакува Пандев летово после ЕП да не оди во пензија и да игра уште една сезона, со цел да се проба да се направи нов историски успех.

„Победата на Македонија во Германија е нешто неверојатно, јас сѐ уште не можам да поверувам што направивме. Не верував ни дека ќе играме на Европското првенство. Сега сакам да уживам(е) на тоа ЕП, а после ќе видиме што ќе се случи, дали ќе продолжам да играм или не. Навистина сѐ уште не знам дали да прекинам. Тоа што знам е дека после завршувањето на кариерата сакам да поминал многу повеќе време со семејството, зашто досега немавме таква можност, а секако ќе останам да работам во фудбалот, зашто тоа е единствената работа што знам да ја работам“, вели Пандев.

Македонскиот ас кој во кариерата освои сѐ што можеше, а круна на кариерата е настапот на континенталниот шампионат летово, веќе објави дека има понуда да работи во Џенова ако се реши да замине од пензија, иако во најстариот италијански калчолигаш посакуваат да го видат уште една сезона на теренот.