Пандев: Опстанок со Џенова, настап на ЕП и потоа – пензија!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев објави дека во новата 2021 година после настапот со Македонија на Европското првенство ќе замине во фудбалска пензија, а потоа ќе остане да живее во Италија.

Пандев кој ќе наполни 38 години требаше во оваа 2020 година да замине во пензија, но коронавирусот го смени планот, откако се пролонгираа баражите, а за една година се одложи Евро 2020, па поради тоа капитенот се реши да ја продолжи кариерата и да си го оствари сонот со Македонија да биде дел од едно големо натпреварување.

„Во 2021 година ќе наполнам 38 години и навистина верувам дека ова е мојата последна сезона во кариерата. Прво со Џенова да обезбедиме опстанок, па со Македонија да си го остварам сонот да играм на Европско првенство и потоа одам во пензија. Но, останувам во Џенова. Тука играв најдолго, моите деца решија да живееме тука и јас се чувствувам како џеновјанин“, рече Пандев за италијанските медиуми.

Капитенот на македонската репрезентација кој е рекордер по број на настапи и постигнати голови за националниот тим, во кариерата играше за Лацио, Специја, Анкона, Интер, Наполи, Галатасарај и Џенова, а најголемите успеси ги доживеа во 2010 година кога со „нераѕурите“ стана првак на Италија, ја освои Лигата на шампионите и стана светски клупски првак.