Пандев: Одлуката е конечна, срцето ми е полно!

Капитенот на македонската фудбалска репрезентација Горан Пандев замина во пензија и објави дека му е полно срцето и дека нема шанси за да се премисли, зашто повеќе од ова не може да даде во националниот дрес.

Пандев денеска доби овации на Амстердам Арена кога беше заменет во 65-та минута со 122 меча зад себе за Македонија, 38 гола, цели 20 години дел од националниот тим.

„Срцето ми е полно, нема поубаво нешто да играм за светиот дрес на едно големо натпреварување. Нема ништо поголемо, клупскиот фудбал е нешто друго, а ова е сосема поинакво чувство, кога ќе видиш колку македонци дошле да те бодрат во Букурешт и Амстердам. Цела Македонија застана за нас. Јас сум благодарен на сите, на цела јавност, на сите медиуми и новинари, на сите селектори, масери, доктори... Јас за Македонија го дадов максимумот и време е за крај. Повеќе од ова не можам! Ова е моја конечна одлука, така се чувствувам. Тоа е вистината, не можам да продолжам да играм ако не сум сто отсто, а за мене на овие 38 години е премногу да играм на два фронта. Сега ќе бидам навивач, а убеден сум дека оваа генерација ќе се избори за Светско првенство. Им посакувам се нај нај, сега сите за нив ќе навиваме“, рече Пандев.

Тој додаде дека е возбуден и благодарен на цела Македонија за сѐ што помина низ овие две децении во националниот дрес.

„Возбуден сум, благодарен сум на цела Македонија. Дваесет години во овој свет дрес, ми беше чест, гордост и среќен сум што вака завршувам на ова големо натпреварување, нешто што не беше само мој сон, туку на цела Македонија. Овој настап е супер и за мене и за дечките и вечно ќе се сеќавам на ова“, додаде Пандев.