Пандев и Барди мора да бидат ептен внимателни во Виена ако сакаме трето место (ФОТО)

Македонската фудбалска репрезентација денеска нешто пред пладне ќе замине за Виена, каде утревечер од 20.45 часот ќе се соочи со фаворизираната Австрија во претпоследниот евроквалификациски меч во кој црвено-жолтите буквално се десеткувани, зашто од стандардниот список ќе нема дури седум фудбалери.

Македонија кога речиси ги загуби шансите за директно место на Евро2020 и реалноста е дека преку Косово и финале во мартовските баражи во Лига на нации да се бори за историски прв настап на континенталниот шампионат, сега има за цел барем утешно да се задоволи со третото место во групата, што би било најдобар наш пласман во едни квалификации. Но, за такво нешто освен што ќе ѝ требаат бодови во овој и мечот со Израел во вторник во Скопје, ќе треба и ривалите како Словенија и Израел (имаме исто бодовно салдо) да имаат барем ист број на додови на крајот или некој помалку.

Утревечер Македонија ќе биде без Аријан Адеми, Егзон Бејтулаи, Езгјан Алиоски, Иван Тричковски (повредени), Висар Муслиу, Илија Несторовски и Бобан Николов (суспендирани). Ова е огромен хендикеп во битката за тоа трето место, но и задржување позитивни резултати пред мартовските клучни мечеви, а ако сакаме таков пласман, на „Ернст Хапел“ ќе треба да бидат смирени две клучни фигури од кои многу зависи овој состав.

Капитенот Горан Пандев и Енис Барди се двајцата фудбалери што се под закана ако добијат жолт картон да паузираат во пресметката со Израел. Затоа и ќе мора да бидат смирени и да се чуваат, зашто од нив двајца и тоа како зависи македонската репрезентација. Прво од капитенот, кој во моментов кога Тричковски е во аут е втор со најдобра форма, а во квалификациите покажа дека неговите асистенции се половина гол. Вториот Барди, пак, во ситуација кога го нема Адеми, исто така мора да биде внимателен, зашто тешко се надополнува нивното отсуство, посебно во креацијата и почетокот на акциите, а тоа сите добро го видоа во Полска, кога двоецот на последни играчи за врска не играше (повредени), а нивното отсуство тешко се надполнува.

Македонија од 18.30 часот вечерва ќе го има последниот тренинг пред пресметката со фаворитот на кој му треба само бод за да го завери настапот на континенталниот самит низ Европа.