Нова шпекулација сега од Грција: Македонија во Лига на нации ќе игра само три меча?

Како се ближи 27 мај кога Европската фудбалска унија (УЕФА) ќе треба да го обелодени комплетниот календар за доигрување на актуелната сезона, стартот на новата и најважно кога ќе се играат репрезентативните мечеви, нова шпекулација се појави околу Лигата на нации и втората сезона во која Македонија треба да игра во Ц-дивизијата.

Ако пред неколку дена англиски медиуми објавија дека ФИФА разгледува опција за цел месец репрезентативни мечеви, дури осум (повеќе и од едномесечен настап на СП), во термин ноември-декември, сега од Грција доаѓаат сосема спротивни најави. Наводно, УЕФА која нема намера да ја одложи или откаже втората сезона во своето ново натпреварување, планирала да го преполови бројот на мечеви на три. Според нормалниот формат, Македонија во група со Грузија, Ерменија и Естонија треба да одигра шест меча, по еден дома и на гости со трите ривали. Но, детали како и кој би бил домаќин во кој меч по скратен формат нема.

Второ, причина за кратењето било и за да се отвори простор за баражите за Евро 2020, кои се плејофи од Лигата на нации од првата сезона што се играше од септември до ноември 2018 година. Во тие баражи, Македонија ја чека историски меч дома со Косово во полуфиналето, а потоа евентуално гостување во Грузија или Белорусија за завршниот меч на кој ќе се вади виза за настап на Евро 2020, презакажано за 11 јуни до 11 јули идната година.

Трето е што УЕФА е на маки да го усогласи календарот за репрезентации, зашто идната година од март почнуваат мундијалските квалификации, сите термини се пополнети, а дополнителен проблем е што јунскиот термин е зафатен за Евро 2020 и ќе мора да се бара алтернатива за него. Оттуга, осум репрезентативни мечеви ќе мора да се одиграат од септември до декември, со тоа што прашање е дали септемврискиот термин ќе биде достапен, зашто после продолжението на сезоната ќе мора да има и одмор за фудбалерите (најмалку три недели).

Сите овие информации се од грчски „СпортФМ“, но засега сето ова е во домен на шпекулациите, како што е и најавите за едномесечен репрезентативен календар, а и за евентуално укинување на Лигата на нации. Последната најава што изминатиов период проструи и делува најреална засега е репрезентативните термини да се продолжат на три меча во 14 дена наместо досегашните два во десет дена.