Нѐ чека многу (по)тежок пат до Евро 2024 преку Лига на нации - Македонија во втор шешир?

Македонската фудбалска репрезентација ја искористи пред една недела „златната шанса“ за да стигне до историски пласман на Европското првенство догодина низ Европа, преку најслабиот сегмент, Д-дивизијата во Лигата на нации, па за следното Евро 2024 во Германија, патот преку Ц-дивизијата во која останавме ќе биде многу потежок за да се повтори успехот.

Црвено-жолтите останаа во Ц-дивизијата после вчерашниот пораз од Ерменија, која обезбеди Лига Б за третата сезона, ама во нашата дивизија влегоа четири нови селекции, кои квалитативно се многу посилни во однос на репрезентациите кои на пример учествуваа сезонава. Пред сѐ Турција и Словачка, селекции кои како и нашата ќе играат на Евро 2020, плус тука е секогаш незгодната Северна Ирска, а најслаба од сите е соседна Бугарија.

Иако УЕФА допрва треба да објави како ќе изгледа следната сезона во Лига на нации, според пропозициите, составувањето на барабаните за ждрепката која ќе се одржи најверојатно после мундијалските квалификации, Македонија би требало да е во вториот барабан. Ова зашто барабаните се составуваат според генералниот пласман, во кој испаднатите од Лига Б, зашто учествувале во повисок ранг, ќе ја имаат улогата на носители, а Македонија како второпласирана ќе остане во вториот барабан, каде што беше и за оваа ждрепка за втората сезона.

Е сега, УЕФА допрва треба да објасни како ќе изгледа системот на квалификации за 24-те селекции за Евро 2024, со тоа што за разлика од претстојното ЕП, речиси невозможно е дека ќе има пат до пласман преку Д-дивизијата, која после ланските претумбации во Лига на нации, остана со две групи и седум селекции од т.ен. „фудбалски пациенти“. Но, ако се задржи системот за баражи на првопласираните барем во првите три дивизии, тоа ќе значи дека Македонија ќе ја чека многу потежок и попеколен пат во евентуално повторување на овој историски успех.

Ова зашто, потенцијално е дека може да добиеме два незгодни ривали прво во групата во битка за тоа прво место, Турција или Словачка, а второ е што дури и да ја добиеме „најлесната група“ со Бугарија како носител на пример, која е во ужасна серија последниве години, патот во баражот секако ќе би не вкрстил со селекции како Турција и Словачка, од заднина шанса чека Грција, која би била во нашиот барабан, а од третиот Грузија и Косово во најмала рака до последен здив би се бореле за успех. Од тоа што засега не се знае е само кои две селекции ќе опстанат од четирите последни што треба да играат плејаут – Казахстан, Кипар, Естонија и Молдавија. Нови членови на Ц-сегментот се Гибралтар и Фарските острови.

Ова е најава дека третата сезона во Лига на нации ќе биде уште посилна, понеизвесна, а и далеку поквалитетна во однос на претходните две изданија. Секако, освен преку Лигата на нации, Македонија ќе има шанса да се бори и преку нормалните квалификации во кои во последното издание за ова ЕП бевме третопасирани, првпат во историјата во еден таков циклус. 

Новата сезона во Лига нации ќе се игра во јуни 2022 (четири меча) и во септември (два меча), зашто Мундијалот првпат ќе се организира во зимски месеци од 21 ноември до 18 декември 2022 година во Катар

ПРОВИЗОРНИ БАРАБАНИ ЗА ЛИГА НА НАЦИИ 2022/23

ПРВ БАРАБАН: Турција, Словачка, Северна Ирска, Бугарија

ВТОР БАРАБАН: Грција, Белорусија, Луксембург, МАКЕДОНИЈА

ТРЕТ БАРАБАН: Литванија, Грузија, Азербејџан, Косово

ЧЕТВРТИ БАРАБАН: Гибралтар, Фарски Острови, Казахстан/Кипар/Естонија/Молдавија

ТЕРМИНИ ЗА ТРЕТАТА СЕЗОНА
1. КОЛО -
2 до 4 јуни 2022
2. КОЛО - 5 до 7 јуни 2022
3. КОЛО - 9 до 11 јуни 2022
4. КОЛО - 12 до 14 јуни 2022
5. КОЛО - 22 до 24 септември 2022
6. КОЛО - 25 до 27 септември 2022