Николов им се „закани“ на Танасе и Хаџи: Подобро да не играте против мене идниот месец!

Македонскиот репрезентативец Бобан Николов, бескомпромисмниот борец во националниот тим, им се „закани“ на другарите од Романија, Флорин Танасе и Јанис Хаџи, репрезентативците на првиот наш противник во мундијалските квалификации, подобро да не играат ако тој е во составот на Македонија, зашто ќе биде „лошо“.

Николов на скоро еден месец до стартот на мундијалските квалификации, а Македонија ѝ гостува на Романија во Плоешти од 20.45 часот на 25 март за романските медиуми посочил дека веќе разговарал со своите другари од периодот кога беше дел од Виторул Констанца и академијата на легендарниот Георге Хаџи, чиј син Јанис е еден од најдобрите романски фудбалери и една од најголемите закани за Македонија.

„Зборував јас со Танасе и Хаџи и ако играм, им реков тие подобро да не играат! Играм како ценгрален фудбалер за врска, што значи дека ќе има многу дуели, па ако играат ќе биде баш 'лошо' за нив. Сите сме ние среќни што ќе се соочиме едни против други и се надевам дека тоа ќе биде убав меч. Романија е добар тим, со голема традиција и нас нѐ чека тежок меч. Имаме огромна почит кон Романија, зашто имаат одлични фудбалери, но ќе видиме, чекаме втора шанса“, вели Николов.

Кога почна да се гради македонската младинска репрезентација, која во 2017 година прва го скрши мразот со настап на едно Европско првенство, Македонија во подготовките за историските квалификации ја победи Романија. Николов е еден од дузината фудбалери од таа „златна генерација“ кои потоа станаа клучни штрафови во А-тимот, па лани беше испишан историскиот успех со пласманот на Евро 2021, кое ќе го играме во Букурешт (два од трите меча).

„Овој меч со Романија за мене ќе биде специјален, зашто јас досега само еднаш сум се сретнал против Романија и тоа со селекцијата до 21 година. Мислам дека тоа беше тим со бившите мои соиграчи, Балаша, Танасе, Митрита, Неделку... Ги победивме со 2-1, па се надевам дека ќе имаме и втора среќа пак да ги победиме. Се надевам среќата пак ќе биде на моја страна“, додава Николов, кој посочува дека и настапот на ЕП во Романија е посебен за него.

„Тоа деби на Евро 2021 ќе биде посебно за мене, зашто ќе се игра во Букурешт. Ние сме дебитанти на ЕП и тоа е посебно доживување“, додава Николов.

Николов во академијата на легендарниот Хаџи замина пред повеќе од деценија од младинскиот погон на штипска Брегалница, а потоа три години играше за Виторул, каде сега член е Давид Бабунски, соиграчот на Николов од младинската селекција. Николов во 2015 година дојде во Вардар, со кои освои три титули во Македонија и играше групна фаза во Лига Европа, а потоа се пресели во Мол Фехевар во јануари 2018 година и зимава после три години во Унгарија дојде на Апенините, како засилување на италијанскито второлигаш Лече.