Нема проблеми само Македонија: Грузија без пет репрезентативци во Скопје!

Македонскиот селектор Игор Ангеловски се соочи со сериозни проблеми околу составот пред пресметката со Грузија во „дербито за првото место“ задутревечер на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје, но нема само Македонија проблеми со повредени и суспендирани.

Грузија во Скопје ќе биде без пет фудбалери од стандардниот список на селекторот Владимир Вајс, па за пресметката со Македонија ќе ги нема Гиорги Чакветадзе, Гурам Кашиа, Јаба Канкава, Отар Какабадзе и Гиорги Абурџанија.

Од оваа петорка, поради повреди отпаднаа Чакветадзе, Кашиа и Какабадзе, додека Канкава е суспендиран, а Абурџанија е ослободен од обврските и тој се враќа во својот клуб.

„Првото место и тоа дали ќе играме на Европско првенство ќе ни зависат од мечевите со Македонија, која е сериозна селекција и сериозен ривал, но ние одиме во Скопје за да ги израдуваме нашите навивачи и да победиме“, вели капитенот Ника Квеквескири.

За разлика од Вајс, Ангеловски има посериозен проблем бидејќи од првичниот список на 23 фудбалери нема скоро третина за овој меч и тоа Егзон Бејтулаи, Кристијан Тошевски, Аријан Адеми (повредени), Висар Муслиу и Енис Барди (суспендирани), Ферхан Хасани (ослободен од оврските), а повреден е и Стефан Спировски и е неизвесен дали ќе може да игра на задутрешниот меч.

Поради ова денеска селекторот повика пет други фудбалери, младинскиот стопер Агрон Руфати, како и прволигашките фудбалери Љупчо Дориев, Енур Тотре (Шкендија), Дарко Мицевски (Вардар) и Томе Китановски (Македонија ЃП).