Најдобрата македонска фудбалерка повеќе нема да игра за Барселона!

Најдобрата македонска фудбалерка можеби и на сите времиња, Наташа Андонова, повеќе нема да игра за шпанскиот гигант Барселона, откако денеска со писмо до навивачите и клубот се збогува со тимот во кој настапуваше изминативе две години.

Таа за составот од Каталонија одигра 43 средби и постигна седум голови, а дојде од таборот на уште еден тим со големи име – француски ПСЖ.

„Дојде време да ја соопштам одлуката за заминување од Барселона, клуб кој ми ги отвори вратите пред две години и секој ден потоа ме натера да се чувствувам како дел од семејството. Ова беа две неверојатни, но, сепак, тешки сезони, бидејќи од различни причини не можевме да ја покажеме нашата супериорност во клучните моменти. Заминувам со чувството дека имам дадено сè за да помогнам и свесна сум дека ја добив љубовта и професионалноста на ова големо семејство до степен до кој заслужуваме како професионални фудбалери“, напиша меѓу другото Андонова.

Засега не е позната следната дестинација на македонската фудбалерка, која од Тиквешанса и Борец Велес се вивна до европските височини настапувајќи за екипи како Турбине Потсдам, Росенгард, ПСЖ и Барселона. За репрезентацијата на Македонија има одиграно 27 средби и постигнато 12 голови.