Надежите за малку не влегоа во третиот шешир, пак од четвртиот ќе ја чекаат ждрепката (ФОТО)

Младата македонска фудбалска репрезентација останува во четвртиот барабан за ждрепката за новиот евроквалификациски циклус за пласман на Евро 2023 во Романија и Грузија, која ќе се одржи на 28 јануари од 10 часот во Нион.

Македонија и во минатиот циклус беше во четвртиот барабан и стигна до второто место, а за еден утнат пенал и испуштени два бода не успеа да игра вторпат на Европското првенство кое годинава во два термини ќе се игра во Словенија и Унгарија. Македонија за малку не успеа да влезе во третиот барабан и тоа за нецели 1.000 поени.

Според ранкингот, надежите на последната УЕФА-листа се 29-то пласирани со 23,814 рејтинг-поени, а последната од третиот барабан Турција е со 24,759 рејтинг поени. Рејтингот се формира врз база на последните три циклуси, но овојпат само 20 отсто од поените се од историската 2017 година, а по 40 отсто од лошиот претходен циклус и од актуелниот на кој бевме веднаш зад Шпанија.

Со пласманот во четвртиот барабан, Македонија не може да игра со Шкотска, БиХ, Велс, Северна Ирска, Финска, Унгарија, Белорусија и Албанија, а ќе добиеме повторно три на хартија посилни селекции.

На ждрепката ќе бидат извлечени девет групи од кои осум со по шест селекции и една со пет, а квалификациите стартуваат во март годинава и ќе траат до јуни 2022. Сите победници, вкупно девет, плус најдобрата втора селекција ќе одат директно на Евро 2023, а останатите осум второпласирани во септрмври 2022 ќе играат баражи за да ги дадат последните четири патници на турнирот со 16 селекции.

УЕФА овој формат го укина среде квалификации во актуелниот циклус, па смени пет најдобри втори селекции да одат директно на ЕП, а Македонија за малку извиси за нов пласман, па не доби шанса преку плејоф да се бори за повторување на успехот од 2017 година.