Надежите во битка за место во елитата - да покажат дека се голема иднина на Македонија!

Младата македонска фудбалска репрезентација до 19 години попладнево (13 часот) на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот ќе го започне новиот циклуз во обид оваа генерација на надежи, со неколку големи таленти, да стигне до нов пласман во елитната фаза и да го повтори успехот на генерацијата на Елиф Елмас, Јани Атанасов, Димитар Митровски и останатите кои ги предводеше Вујадин Станојковиќ.

Младите фудбалери денеска го имаат главниот меч по кој многу повеќе ќе биде познато дали ќе играат елитна фаза или не, зашто се соочуваат со врсниците од БиХ, а Англија е апсолутен фаворит во групата, во која е уште и Луксембург. Но, селекторот Горан Станиќ не може да смета на сите потенцијални репрезентативци, зашто два месеци во аут е Џемал Ибиши, младиот вардаров центарфор кој се повреди на (не)пријателските гостувања во Бугарија во септември, а ќе го нема и капитенот на оваа генерација Димитар Тодоровски, одличниот фудбалер за врска на Работнички, како и Куштрим Таири и Кире Трпчевски.

„Нè очекува силен турнир со мечеви кои ќе бидат вистински предизвик, а мечот со БиХ е исклучително важен. Долго сме заедно, добро се подготвувавме и се надевам дека ќе се прикажеме во најдобро светло“, вели Агрон Елези, младиот репрезентативец на Македонија.

Првите две селекции од секоја група одат во елитната фаза, а шанса ќе има и најдобрата трета селекција во овие квалификации. Македонија денеска со победа против БиХ практично би ги отворила шансите кон елитната фаза, зашто потоа ќе им треба само победа со „аутсајдерот“ Луксембург, без оглед на исходот од пресметката в сабота со фаворизираната Англија.

„Со нетрпение чекаме да почне мечот, а добрата атмосфера во тимот се надевам ќе ја пренесеме на теренот. Ако ги исполниме задачите на стручниот штаб, имаме шанса и квалитет за добар резултат“, вели Давид Тошески, напаѓачот на Работнички, кој сезонава има прволигашко искуство и од него се очекуваат голови.

Англија и Луксембург во ист термин од 13 часот ќе го одиграат вториот меч од првото коло во групата и тоа на стадионот во Ѓорче Петров.