Надежите промашија пенал за победа, од „Анталија куп“ се враќаат со – едно реми!

Младата македонска фудбалска репрезентација без победа по три меча се враќа од „Анталија купот“ во Турција на враќањето на најуспешниот македонски селектор Благоја Милевски, откако денеска промашија пенал за триумф против Естонија во третиот меч во овие подготовки на новата генерација пред септемврискиот старт на квалификацискиот циклус за Евро 2021 во Словенија и Унгарија.

После двата порази од врсниците од Украина со 1-3 и од Летонија со 0-1, македонските надежи денеска ремизираа 1-1 со Естонија, што е резултатски лоша најава за септемвриските квалификации, без оглед што во селекцијата го нема Дарко Чурлинов, кој беше повикан за А-тимот, а веќе извесно е дека на располагање Милевски ќе го нема и Елиф Елмас, кој веќе е првотимец во најсилниот наш состав.

Македонија денеска поведе на средина од првиот дел преку Митровски, а израмнија Естонците минута пред полувремето преку Марко Лип. На седум минути пред крајот Давор Здравковски имаше шанса да ја донесе првата победа на овој турнир, но пеналот не успеа да го реализира.