Надежите одат на трета победа: Казахстан не е наивен, мора да бидеме внимателни!

Младата македонска фудбалска репрезентација утре попладне ќе го пречека Казахстан во обид да го продолжи максималниот ефект и да стигне до третата победа во овој квалификациски циклус со што јасно би ја истакнале кандидатурата за нов настап на континенталното првенство во 2021 година во Словенија и Унгарија.

Македонските надежи после убедливиот старт со 7-1 против Фарските острови и гостинскиот триумф пред четири дена во Подгорица со Црна Гора, сега против себе имаат нов непријатен противник, кој по четири свои одиграни мечеви има две победи и два порази, од кој еден несреќен со Израел, кога промашија пенал најмалку за бод. Претпладнево најнадежната селекција го одржа последниот трениг пред утрешниот меч.

„Со Црна Гора забележавме значајна победа, иако мечот воопшто не беше лесен, но и покрај некои недостатоци и наши грешки за кои работиме и разговараме со селекторот, успеавме да победиме. Казахстан е сосема поинаков противник, доста квалитетен, фисички силен... Но, со правилен пристап може да дојдеме до нов триумф. Не се сомневам дека заеднички повторно ќе дадеме сè од себе и на крајот ќе се радуваме“, вели првиот напаѓач во нашиот тим, Милан Ристовски.

Агрон Руфати е стандардниот дефанзивец во националниот тим еден од неколкумината младински фудбалери кои пред година ипол играа елитни квалификации со селекцијата до 19 години, а и тој како и соиграчите верува во нов успех на Македонија.

„Запишавме две победи, но тоа сега останува зад нас. Секогаш е специфично да се добие меч против противник за кој јавноста смета дека ќе биде лесно. Казахстан не е наивен, играат брзо, тактички се одлично подготвени и мора да бидеме многу внимателни во дуелите ако сакаме победа. Наше е да одиграме како што бара селекторот, а ако успееме, мислам дека сме на вистинскиот пат“, вели Руфати.

Мечот Македонија – Казахстан се игра утре од 14.30 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот.