Надежите и без Елмас да победат за максимален ефект во квалификациите

Елитната фаза е обезбедена, па растеретено и без својата прва ѕвезда Елиф Елмас, македонските фудбалски надежи до 19 години денеска (13 часот) на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ ќе го одиграат последниот меч во квалификациската група, против најлесниот противник Лихтенштајн и очекувањата се завршеток на оваа рунда со – максимален ефект.

Македонија веќе покажа дека има суперталентирана генерација, фудбалери кои добро треба да се запаметат, затоа што во иднина ќе носат многу радости и затоа дуелот со Лихтенштајн е шанса уште еднаш да се потврди квалитетот, дури и кога лидерот на тимот нема да биде на теренот. Елмас е прекомандуван во постарата младинска селекција, таа до 21 година, но црвено-жолтите имаат доволен квалитет со Чурлинов, Ферукоски, Митревски, Тодоров, Трапановски за без мака да го сомелат аутсајдерот во групата.

По победи со Швајцарија и Белгија, во чии мрежи Македонија даде по два гола, за очекување е дека денеска Лихтенштајн ќе добие барем двојно повеќе за да се запечати статусот на – хит репрезентација во оваа прва квалификациска фаза.

Во другиот меч Белгија и Швајцарија во дербито ќе решаваат кој покрај Македонија ќе оди во елитната рунда на квалификации, која ќе се игра во март идната година. Европското пренство за фудбалери до 19 години е во средината на јуни во Финска.