Младата македонска фудбалска репрезентација не успеа да ја запише и третата победа во низа во овие евроквалификации за да го има најдобриот старт во историјата, после ремито попладнево со Казахстан со 1-1 на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во комплексот куќа на фудбалот.

Македонија наместо да го покаже силниот потенцијал и капацитет дека може да се бори за пласман на Евро 2021, покажа многу доста слабости посебно во второто полувреме, но и на моменти недисциплинирана игра, со себичност и индивидуализам во акциите. Надежите денеска мораше да го победат Казахстан, отворија навреме преку Милан Ристовски со соло-акција откако удраде една топка, имаа пет одлични шанси во првиот дел, но не реализираа и потоа во вториот дел (не)свесно се повлекуа, му дадоа на противникот да игра, па за сето тоа на крај и беа казнети.

Избраниците на Благоја Милевски беа далеку подобри во првиот дел. Ристовски погоди во 20-та минута, претходно Јани Атанасов имаше добра шанса по корнер, но биеше над гол, а напаѓачот со глава имаше можност, но биеше по редината. Следеше мајсторија на Чурлинов, кој крај гол-аут линијата измеша двајца, но биеше непрецизно, па Ристовски од 20 метри практично даде гол, но фантастичната интервенција на Микамејан Сеисен спречи дуплирање на водството, а Димитар Митровски од 16 метри, исто така имаше добра можност, но биеше по средината на голот.

Казахстан за цело полувреме не покажа речиси ништо, дојде во две можности само по наши грешки, недисциплинираната игра и загубена топка во обид индивидуално да се направи нешто. И кога сите очекуваа дека Македонија во вториот дел ќе притисне за да дојде по втор гол и да ја завери победата се случи спротивното. Казахстанците притиснаа, а надежите чекаа противнапади. И се до 75-та минута кога следеше казната (Оралхан Омиртајев), само двапати поопасно се заканивме со удари од 16 метри на Јани Атанасов, што е премалку во однос на тоа што го одигравме во првиот дел.

Откако Казахстан израмни, гостите имаа шанса и за пресврт, но нивната шанса за среќа остана неискористена, откако во шансата за гол, стрелецот се реши да додава во петерецот. Македонија проба да стигне до победа, но сè остана на неколку преслаби обиди да се загрози голот, а најголемите возбудувања беа во 90-та минута кога Емил Абаз биеше од 16 метри, но гостинскиот голман одбрани и потоа еден дефанзивец по центаршут пред гол-линијата ја спасуваше сопствената мрежа.

Македонија по три меча има седум бода, но вечерва Шпанија гостува кај Црна Гора, а Израел игра со Фарски острови во нашата група, исто колку и Казахстан од пет меча. Шпанците имаат шест бода од два меча, Израел е на три од еден меч, а Црна Гора има три бода од четири дуели. Фарски Острови се последни без бод.