Младеновски: Ќе ми биде чест ако добијам шанса да играм

Младиот 19-годишен фудбалер на Вардар, Марио Младеновски од минатиот месец е едно од „изненадувањата“ на селекторот Игор Ангеловски на списокот за евоквалификациските мечеви, па стоперот и за оваа завршница со Австрија на гости и Израел дома конкурира за настап и тоа во момент кога и може да се надева на настап поради многуте проблеми во составот со кои се соочува Ангеловси.

Висар Муслиу е суспендиран, Егзон Бејтулаи и Езгјан Алиоски се повредени, па од првата дефанзивна петорка, остануваат само двајца и Младеновски е во конкуренција да добие шанса во овие два меча

„Чест е ако добијам шанса на еден од двата меча од селекторот, за да заиграм. За еден млад фудбалер многу значи ако добие шанса да игра пред полн стадион. Во Полска исто така стадионот беше преполн, самото чувство да се биде на таков меч е прекрасно“, вели Младеновски.

Австрија и Израел се последните два предизвици во овие европквалификации во кои шансите за пласман на Евро 2020 се практично загубени, па Македонија преку овие два меча ќе се концентрира на подготовката за мартовскиот бараж во Лигата на нации.

„Во овие два меча треба да влеземе максимално мотивирани за да ги добиеме. Првиот меч со Австрија ќе биде тежок, зашто имаат добри фудбалери. Но, ние ќе се обидеме да го дадеме максимумот. За Израел, мислам дека треба да победиме“, додава младиот вардаров талент.