Милевски: Возбуден сум и едвај чекам да дојде собирот за мечевите во септември!

Новиот македонски селектор Благоја Милевски со нетрпение го чека првиот собир и дебито како нов селектор на Македонија, откако денеска ФФМ официјално го промовираше за наследник на Игор Ангеловски, откако официјално работата на новиот кормилар почна пред пет дена.

Милевски ќе ја води Македонија до 2024 година и целта е да се повтори успехот со нов настап на континенталниот шампионат после дебито годинава на Еуро 2020, а доаѓа на местото на Игор Ангеловски, откако ФФМ уште пред повеќе од еден месец со одлука на Управниот одбор го наименуваше новиот селектор по што заврши пет ипол годишната работа на доскорешниот кормилар.

„Благодарност до сите, посебно до ФФМ за укажаната доверба, а можам да ветам е максимална посветеност и професионалност, како и вреднување пред сѐ на човечките вредности. Со нетрпение го чекам почетокот на мечевите во септември, нестрпливо чекам да почне соработката со фудбалерите и од таа гледна точка возбуден сум, па едвај чекам да се видиме повторно со поголемиот дел од играчите“, рече Милевски.

Милевски беше првиот македонски селектор кој ја однесе Македонија на едно ЕП и тоа со младата селекција во Полска на Еуро 2017 година, па сега после седум години и два мандати со кратка пауза и авантура од шест месеци во Израел, седнува на кормилото и трите септемвриски мечеви во мундијалскиот квалификациски циклус со мечевите против Ерменија и Романија дома и со Исланд на гости.

„Заедничка цел е 2024 година, но во тековните квалификации сакаме да дадеме сѐ што знаеме, можеме и умееме, за да имаме усшешен циклус и да останеме конкурентни до самиот крај. Јас не случајно бев присутен на ЕП од само еден аспект, да ја видиме реалната слика на мечевите кои ги игравме. И не треба да не залажува победата со Германија, супер е тоа што ја победивме, што сме конкурентни, но нас треба да ни биде репер и насока, баш тие мечеви на ЕП, со пртивниците какви што ги имаме. Само така може да напредуваме. Да не се залажуваме, ниту да спиеме на таа победа со Германија и тоа нема ништо да ни значи ако не сме на потребното ниво во септември“, додава Милевски.

Новиот македонски селектор посочи дека Македонија има потенцијал и дека индивидуалниот квалитет најважно е да се стави во функција на тимот.

„Добро ми е познат потенцијалот, добро се познаваме, имаме потенцијал да играме било кој систем, но треба да го искористиме максимално индивидуалниот потенцијал и тоа да го ставиме во функција на тимот“, потенцира Милевски.

Првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини посочи на денешната промоција му посака успех на Милевски со надеж дека соработката ќе продолжи и повеќе од актуелниот тригодишен договор до Еуро 2024.

„Ти си човек кој го регенерираше македонскиот фудбал, создаде група која има веќе две Европски првенства и сигурни сме дека тој пат ќе продолжи. Ви посакувам среќа и успех и трудете се да создадете трајно наследство, а ние сме убедени во потенцијалот на фудбалерите и може да сметате на наша поддршка за остварување на целите. Иако бројот на дресот е годината на соработката, јас се надевам дека таа ќе продолжи и после тоа. Главна цел е Еуро 2024, а дај боже да одиме и на Светско, иако тоа е нешто преголемо барање за да го ставиме како цел на новиот селектор“, посочи Сејдини.