Милевски им даде црвен картон на избраниците: Од март ќе имаме нова селекција!

Селекторот на младта македонска фудбалска репрезентација Благоја Милевски им даде црвен картон на голем дел од своите избраници, по поразот денеска со 4-0 од Австрија, по кој Македонија е без шанси за висок пласман, откако го доживеа третиот пораз во својот четврти меч во овие евроквалификации.

Милевски ја презема одговорноста за неуспесите во овие три меча и најави дека жали што од март ќе мора да формира нова генерација која ќе ја подготвува низ веќе изгубените квалификации за идниот циклус за пласман на ЕП.

„Што да се каже е беспотребно по ваков пораз. Честитки до Австрија за победата, Австрија се покажа и поквалитетна и подобра, иако од четири примени гола, три се на наша сопствена грешка. Имавме ние свои шанси, да дадеме гол(ови). Но, тоа е тоа одиме понатаму. Гибралтар беше опомена за некои репрезентативци и од март ќе имаме нов лик на оваа селекција. Веќе ќе почнеме да се подготвиме за новиот циклус“, вели Милевски.

Според Милевски дел од овие репрезентативци покажале дека не може да се носат со притисокот што го носи селекцијата до 21 година, особено по историскиот успех и настапот на Евро 2017 во Полска летово.

„За жал доаѓаме во ситуација во која бевме пред 3-4 години, пред да почнам да работам со оваа селекција. На половина од циклус да почнеме да подготвуваме селекција за следен циклус. Одговорноста е моја, јас ги селектирам, јас ги повикувам. На повеќето мечеви и во подготовките и во првиот меч, покажаа талент и потенцијал, за жал повеќето од нив не може да се носат со притисокот кој го наметна претходната генерација“, додаде Милевски.

Ова значи дека новата младинска селекција ќе биде пополнета со фудбалери од суперталентираната У19, која денеска со максимални три победи го завршија првиот квалификациски циклус за пласман на Евро 2018 во Финска.

„Дел од нив (У19 – н.з.) секако дека ќе бидат приклучени, но се зависи кога се елитните квалификации и ако не се поклопат темините. Тука се дел од играчи и од генерацијата 1998, кои исто така ќе бидат приклучени и четворица од оваа генерација веќе ги имавме денеска“, заврши Милевски.