Милевски го врати Антовски во тимот во поход кон трет триумф (ФОТО)

Младата македонска фудбалска репрезентација попладнево го игра третиот квалификациски меч во циклусот за пласман на Евро 2021 против Казахстан, во обид да стигне до третата победа во низа и да го има најуспешниот старт во едни квалификации во историјата.

Македонија брка три од три за да докаже дека има квалитет повторно нашите надежи да бидат дел од континенталниот самит на таленти, а селекторот Благоја Милевски повторно направи една замена во составот со кој ќе нападне по трет триумф против Казахстанците. Филип Антовски, фудбалерот на Динамо Загреб се враќа на левата бековска позиција, откако не играше во Црна Гора, а беше стартер на мечот со Фарските острови. Сите останати фудбалери во тимот на Милевски се истите што ги играа двата меча досега во триумфот со Фарски острови со 7-1 и со Црна Гора со 2-1.

На голот повторно е Јанков, стопери се Личина и Руфати, десен бек е Тодоровски, а лев Антовски. Во средниот ред ќе играат Здравковски, Атанастов и Даци, а во нападот Чурлинов и Митровски по крилните позиции, а Ристовски е шпиц.