Милевски: Четири бода против два конкуренти не е лошо!

Македонија не успеа да го победи Казахстан, одигра денеска реми 1-1 во Скопје, иако надежите имаа доволно шанси за да победат, но селекторот Благоја Милевски не жали премногу за загубените два бода зашто посочи дека играчите направиле сè за да победат.

Македонија играше одлично прво полувреме, водеше со 1-0, имаше пет супер шанси, но не успеа да го завери триумфот, а потоа Казахстан успеа еден пад на концентрација да го искористи за бод.

„Јас морам да им честитам на фудбалерите за тоа како одиграа, за тоа што исполнија сè што договоривме и за шансите кои ги имаевме. Но, голем траг остави мечот со Црна Гора на физички план. Нема што да им замерам, а еден момент на невнимание и пад на концентрација донесе гол за Казахстан. И тоа е нормално, зашто игравме во висок ритам, бевме доминантни, но на физички план инфериорен. Ова е почеток на квалификации, Казахстан не е наивен, никој не успеа да им направи повеќе од три шанси против нив, ни една Шпанија, а ние имавме шест-седум. Фудбалерите се разочарани зашто одиграа квалитетен меч. Четири бода од два меча и не е така лошо со директни конкуренти. Бодовно не сме минус, баш поради тоа што одигравме два меча со директни конкуренти“, вели Милевски.

Најуспешниот македонски селектор посочи дека најголем проблем на оваа селекција е на физички план, зашто најголем дел од играчите немаат доволна минутажа во своите клубови.

„За да играме во висок ритам против вакви сериозни противници како Црна Гора и Казахстан не треба сто отсто физичка подготвеност, туку 120 отсто. Сооглед на минутажата во клубовите, во ваков термин нормално е да дојде до пад на физички план. Тоа е реалноста. Момците покажаа потенцијал и квалитет и прашање на време е кога потенцијалот ќе излезе на површина, да ги реализираме тие шанси, но играчите мора да се потрудат да имаат поголема минутажа во клубовите. Мора да имаат посериозна минутажа, зашто освен два-тројца стандардни, другите се 'проблем'“, додаде Милевски.

Денеска поради исцрпеност по еден час игра, Милевски ги замени сите „ѕвезди“ во тимот од Димитар Митровски, Дарко Чурлинов, Ердон Даци, стрелецот Милан Ристовски...

„Посакувам да бидеме здрави за еден месец, а играчите да имаат поголема минутажа и барем на физички план да не менуваме тоа што е добро“, додава Милевски, кој идниот месец го очекуваат две гостувања кај првиот фаворит Шпанија и кај „аутсајдерот“ Фарски Острови.